Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека мирна и стабилна Сирија „би била едно од најдраматичните подобрувања во регионот во многу долго време“, сугерирајќи дека Вашингтон го поддржува новото сириско раководство под водство на претседателот Ахмед ал-Шара, пренесува Анадолија.

„Ова е историска можност и ако успее, ќе имаме драматично, трансформативно влијание врз регионот“, рече Рубио во Анталија.

Неговата изјава дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп и Шара се сретнаа во Ријад во средата – состанок што го означи првиот контакт на високо ниво меѓу САД и Сирија откако беше соборен режимот на Башар ал-Асад во декември.

Трамп, кој претходно објави укинување на американските санкции врз Сирија, го нарече состанокот „одличен“.

Рубио го опиша новото сириско раководство како посветено на обновата на земјата како плуралистичко општество.

Тој посочи дека Сирија изразила желба за „мир со сите свои соседи“ и „протерување на странските борци и терористи“ кои би можеле да ја дестабилизираат земјата.

Рубио рече дека САД сакаат да бидат „од помош“, но дека американската помош ќе зависи од тоа дали Сирија „презема чекори напред“.

„Очигледно сакаме да видиме напредок и ќе одговориме на секој нивен чекор, но тоа ќе биде долг пат“, рече Рубио.

Тој додаде и дека постои можност еден ден да оди во Конгресот и да побара трајно укинување на санкциите.

Текстот Рубио: Стабилна Сирија би бил драматичен чекор напред за целиот регион е превземен од МАКФАКС.