Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денес изјави дека иако постои надеж дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во август во Алјаска ќе донесе одреден напредок, Путин, како што изјави, сè уште се држи до своите цели.
„Мислам дека отсекогаш знаевме дека неговите намери се да го земе Донецк, на пример, и тој отворено го дефинираше тоа. Мислам дека имаме надеж, бидејќи ние сме единствената земја во светот што навистина може да разговара со двете земји што се вклучени во ова – ние сме единствената што може да разговара со Украина и Русија, и сите нè охрабрија да ја играме таа улога. Во одреден момент, таа улога би можела да заврши“, рече Рубио во интервју за NBC News.
Тој истакна дека американскиот претседател веќе изразил длабоко разочарување од „насоката“ на Путин и апелираше до европските земји да ги заострат санкциите кон Русија, особено оние што продолжуваат да купуваат руска нафта и гас.
„Во моментов, постојат земји во Европа кои продолжуваат да купуваат огромни количини нафта и природен гас од Русија, што е апсурдно. Мислам, тие бараат од САД да воведат повеќе санкции, но има земји во Европа кои не прават доволно. Затоа мислам дека треба да направат повеќе“, рече американскиот државен секретар.
А Трамп, додаде Рубио, има способност да направи повеќе и размислува да направи повеќе „поради насоката во која се движи ова“.
Тој подвлече дека Трамп ја наследил оваа војна и „сè што сака е да ја заврши“.
„И тој ќе направи сè што може, ќе му даде секоја шанса да успее. Штом ги зголемиме санкциите и сè друго, нашата способност да дејствуваме како посредник во постигнувањето мир е намалена, а потоа оваа војна продолжува уште две години и стотици илјади луѓе ќе умрат. Затоа се обидуваме да го избегнеме тоа. Се надеваме дека ќе го избегнеме тоа“, нагласи Рубио.
Како што изјави, тоа зависи од Путин.
„Ако тој одлучи да не ја прифати таа понуда, тогаш за жал ќе мора да го направиме она што мораме да го направиме“, предупреди американскиот државен секретар.
Рубио додаде дека Трамп направил повеќе отколку што некогаш направил Џозеф Бајден за да ја заврши војната, обвинувајќи го поранешниот американски претседател дека „дури и немал план за војната“.
Фото: принтскрин
Текстот Рубио: Путин сè уште се држи до своите цели е превземен од МАКФАКС.