Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека Израел не може да дозволи Хамас да го користи сегашниот прекин на огнот за повторно да ги зајакне своите сили.

„Дел од предизвикот овде е тоа што Хамас продолжува да користи мрежи за шверц на оружје и помош за сопствена реконструкција“, рече Рубио за време на интервјуто за NewsNation.

„Израел не може да го дозволи тоа. Не можете да му дозволите на Хамас да го користи прекинот на огнот за обнова и враќање на силата“, продолжи тој. „Ова е прекин на огнот, но не е глупав прекин на огнот.

Според „Тајмс оф Израел“, Хамас во последните денови се закани дека нема да ги ослободи следните тројца заложници закажани за сабота, тврдејќи дека Израел го прекршил прекинот на огнот со ограничување на протокот на помош, тврдење кое Ерусалим го отфрли.

Запрашан за тврдењето на Хамас, Рубио одговори: „Не можете да верувате во ништо што вели Хамас“. Во одделно интервју за Фокс њуз, Рубио рече дека Хамас го „крши договорот“, без да навлегува во детали.

Тој изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп го изгубил трпението откако ја видел состојбата на исцрпените заложници кои Хамас ги ослободи минатиот викенд.

„Уморен е да чека по еден, двајца или тројца луѓе одеднаш. Време е сите да си одат дома“, тврди Рубио.

„Ако овие луѓе не се држат до договорот во сабота, мислам дека се враќаме во ситуација од пред неколку месеци, каде што Хамас ќе биде елиминиран, а Израелците ќе влезат и ќе го решат тој проблем“, рече Рубио. Тој додаде дека Вашингтон е отворен да ги слуша алтернативните планови на арапските сојузници кои се противат на предлогот на Трамп за преземање на Газа.

„Ако на луѓето не им се допаѓа планот на Трамп за Газа – во моментов, тоа е единствениот план. Сега останува на арапските земји… ако мислат дека имаат подобар план, треба да го слушнеме“, рече државниот секретар, повторувајќи го ставот што минатата недела го искажа американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.

Текстот Рубио: Израел не може да дозволи Хамас да ги обнови силите додека е во сила прекинот на огнот е превземен од МАКФАКС.