Американските санкции воведени против Нафтната индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска руска сопственост, ја спречиле клучната испорака на сурова нафта, што може да доведе до запирање на единствената рафинерија во земјата доколку не се обезбедат нови залихи, пренесе „Ројтерс“, цитира „Индекс“.
Според неименувани извори запознаени со ситуацијата, Србија има само уште неколку дена пред рафинеријата на НИС во Панчево да мора да го прекине процесот на преработка на сурова нафта. Од компанијата не дале коментар.
Претседателот Александар Вучиќ уште на 9 октомври предупреди дека рафинеријата, која снабдува голем дел од пазарот со горива, вклучувајќи бензин и авио-гориво, ќе има тешкотии по 1 ноември. Сепак, Вучиќ порача дека складиштата се полни и дека постојните резерви ќе бидат доволни до крајот на годината.
„Нема да има недостиг од сурова нафта, нејзини деривати ниту енергетска криза“, изјави тој минатата недела.
Испораката запрена во Хрватска
Како што наведува „Ројтерс“, танкерот Maran Helios, кој превезувал околу еден милион барели казахстанска сурова нафта (KEBCO) за НИС, пристигнал во хрватското пристаниште Омишал на 9 октомври — токму на денот кога стапиле во сила санкциите. Меѓутоа, товарот никогаш не стигнал до Србија.
Хрватскиот оператор „Јанаф“ соопштил дека до 8 октомври ја испорачал целата нафта што се наоѓала во неговиот систем и била во сопственост на НИС, и дека по тој датум немало нови испораки за Србија.
Ова, според агенцијата, укажува дека казахстанската нафта купена од НИС воопшто не била примена во системот. „Ројтерс“ не успеал да потврди дали товарот, кој бил истоварен во вторникот по две недели чекање пред пристаништето, е складиран во Омишал или препродаден на друг купувач.
Можна енергетска криза во Србија
Блокираната пратка на сурова нафта би била доволна за работа на рафинеријата во Панчево околу десет дена. Иако моменталните резерви се речиси целосни, нивното намалување ќе ја направи Србија сè позависна од увоз.
Русија и Србија, како што наведува „Ројтерс“, се обидуваат да најдат решение со кое би се укинале американските санкции што стапија на сила по истекот на последното изземање.
„За мене тоа не е прашање. Рафинеријата мора да работи, а бензинските пумпи мора да останат оперативни“, изјавила за „Ројтерс“ Надежда Кокотовиќ, поранешна раководителка на канцеларијата на НИС за односи со Европската унија.
Текстот „Ројтерс“: Нафтата за Србија заглави во Хрватска, американските санкции го блокираа танкерот на НИС е превземен од МАКФАКС.























