Легендарниот Роналдо Назарио да Лима (48) ја повлече кандидатурата за претседател на Бразилската фудбалска конфедерација.

Двократниот светски шампион со „кариоките“, сега бизнисмен, рече дека му недостига поддршка од локалните фудбалски претставници за да го предизвика актуелниот претседател Едналдо Родригез.

Роналдо во декември најави дека ќе го предизвика Родригез, кој беше критикуван од навивачите и поранешните играчи, но не и од локалните фудбалски претставници.

Изборите треба да се одржат во наредниот период, се уште не е познат точниот датум. Инаку мандатот на Родригез истекува во март следната година.

На Роналдо му беше потребна поддршка од најмалку четири локални сојузи за да се кандидира, но поранешниот напаѓач на Интер и Реал Мадрид не обезбеди поддршка.

„Локалните сојузи одбија да ме примат во нивните седшта, тврдејќи дека се задоволни од актуелното раководство и ја поддржуваат кампањата за реизбор на Родригез. Не можев да го претставам мојот проект, да ги споделам моите идеи. Немаше простор за дијалог. Јасно е дека немам шанси да се кандидирам. Повеќето федерални функционери го поддржуваат актуелниот претседател, тоа е нивно право и јас го почитувам тоа без оглед на моите убедувања“, напиша Роналдо на социјалните мрежи.

Мандатот на Родригез беше обележан со правен спор, при што тој беше сменет во декември 2023 година поради нерегуларности во изборниот процес, но еден месец подоцна бразилскиот Врховен суд ја поништи таа одлука.

Во тој период, Родригез го доживеа својот најголем неуспех, бидејќи постојано тврдеше дека постигнал договор со тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој на крајот го остана во Реал.

Бразил од клупата го предводи Доривал Јуниор, а во јужноамериканските квалификации за Светското првенство се наоѓа на петтото место со 18 бодови по 12 меча.

Најдобрите шест репрезентации ќе обезбедат директен пласман на СП 2026 година.

Текстот Роналдо ја повлече кандидатурата за прв човек на бразилскиот фудбал е превземен од МАКФАКС.