Екипата на Рома предводена од Жозе Мурињо се израдува на трофејот во првото издание на Конференциската лига на УЕФА, откако во финалето на „Ер Албанија“ го победи Феенорд со 1-0 (1-0). Николо Заниоло беше човек на одлука со погодок уште во првиот дел, меѓутоа вреди да се издвои и перформансот на Руи Патрисио кој ја спаси Рома во продолжението од натпреварот. Средбата во Тирана тргна со активна игра на двете екипи, меѓутоа без шанси на двете страни. Иако беа растрчани, Рома и Феенорд обрнаа големо внимание кон дефанзивата и не оставаа премногу простор. Голем пех за Жозе Мурињо беше повредата на Хeнрик Михтарјан, па на негово место влезе Серџо Оливеира.
Првата пукнатина и невнимание на дефанзивците беше казнето, а Рома беше екипата која по 32 минути игра поведе. Манчини упати топка во шеснаесетникот, простор пронајде Николо Заниоло и ја прими со гради, за потоа да го лобува противничкиот голман за 0-1. Холанѓаните до полувремето немаа решение за противникот, се мачеа и не успеваа сериозно да го загрозат водството.
Сепак, работите сериозно се променија по паузата бидејќи Феенорд изгледаше како сосема друга екипа. Избраниците на Слот притиснаа и направија серија шанси кои „волчицата“ едвај ги спаси. Прво по еден корнер Траунер ја погоди стативата, а одбиената топка понуди удар на Тил и интервенција на противничкиот голман. Следеше серија корнери и возбудувања пред голот на Рома, па близу до погодок беше и Тајрел Малициа, но Руи Патрисио со ефектна парада ја одби топката во пречката.
Рома на Мурињо успеа да го издржи силниот налет на ривалот, а потоа и го смири темпото на игра. Португалецот посегна по клупата, Залевски и Заниоло ги замени со поискусните Спинацола и Верету, додека Слот се обиде да освежи со Торнста, Педерсен и Линсен. „Волчицата“ ја умртви играта и се реши за подедфанзивен пристап кој на крајот ѝ се исплати во победата над Феенорд.
Со триумфот Рома ќе биде запишана како прв победник во историјата на Конференциската лига на УЕФА, додека за клубот од Рим ова е прв европски трофеј по пауза од 61 година. Ова беше историски натпревар и за Мурињо, кој стана прв човек кој ги обедини трофеите во Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига./Гол.мк