Роман Абрамович имал симптоми на труење за време на мировни преговори во Киев во почетокот на месецот, изјави извор близок до рускиот милијардер. Сопственикот на Челзи имал болки во очите и лупење на кожата, но во меѓувреме заздравил. Со труењето наводно биле погодени и двајца украински преговарачи.
„Вол стрит џурнал“ прв ја објави веста за наводното труење на Абрамович, додавајќи дека зад него стојат тврдокорни струи во Русија кои сакаат да ги саботираат мировните преговори. Од украинската влада кажаа дека украинските преговарачи се добро и дека веста била лажна.
Според американскиот весник, инцидентот се случил на 3 март и состојбата на Абрамович и на украинските преговарачи, од кои еден е пратеникот Рустем Умеров, во меѓувреме се подобрила. Изворот близок до Абрамович кажа дека тој останува во преговарачкиот процес, во обид да се стави крај на војната во Украина, поради која се најде под европските санкции.
Од почетокот на месецот, Абрамович патувал меѓу Москва и Киев на неколку рунди на преговори. Притоа наводно се сретнал и со Зеленски.