Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, го осудува минатогодишниот терористички напад во Бањска, Звечане. Барајќи одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, Робертсон ја нагласува потребата од ставање крај на насилството во регионот и промена на имиџот на Западен Балкан од проблематична област во нешто што придонесува за поширока европска безбедност. Од таа причина, тој подвлекува дека безбедноста на Косово е исклучително важна за Западот и НАТО.
„Безбедноста на Косово е исклучително важна и затоа НАТО ги зајакна своите војници и тука…Затоа безбедноста во оваа земја ќе биде важна во иднина, како што и економската безбедност ќе биде важна за помладата генерација “, рече Лорд Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО.
Тој посочува дека и покрај актуелните тензии, не постои ризик од војна на Западен Балкан, но според него, Русија интервенира во регионот преку сајбер војна.
Робертсон додава дека е многу важно европските земји да се обединат за да се осигураат дека Путин нема да успее во Украина.
„Не верувам дека постои ризик од војна на Балканот, но Русија интервенира во овој регион додека ја напаѓа Украина. И затоа е важно европските земји да се здружат за да се осигураат дека Путин нема да успее во Украина. Ако успее во Украина, тогаш Западен Балкан ќе биде уште една област каде што ќе направи проблеми“, нагласи Лорд Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО.
Говорејќи за аспирациите на Косово за членство во НАТО, Робертсон вели дека полноправното членство на Косово во НАТО ќе донесе траен мир во регионот.
„Членството во НАТО е работа на НАТО организацијата. Јас сум поранешен генерален секретар, немам контрола врз она што се случува денес“, додаде тој.
За време на бомбардирањето на НАТО, Робертсон беше британски министер за одбрана./Алсат.мк
Адриан Керими