Турција бара да склучи одбранбен договор вреден 6 милијарди долари (5,72 милијарди евра) со Саудиска Арабија, кој би можел да вклучи продажба на тенкови, воени бродови и проектили, како и партнерство во програмата на турските борбени авиони, изјавија за Блумберг извори запознаени со преговорите.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се очекува да ја посети Саудиска Арабија во март за да го финализира договорот, велат истите извори. Овој договор се смета за стратешки чекор во напорите на Турција да ја прошири својата одбранбена индустрија и да ги зајакне односите со еден од најголемите увозници на оружје во светот.

Саудиска Арабија, наводно, е заинтересирана да учествува во турската програма за борбени авиони КААН од петтата генерација, која е дизајнирана да обезбеди напредни борбени способности. Програмата успешно го спроведе својот прв пробен лет минатата година, но ќе бидат потребни уште неколку години за да се постигне целосна оперативна подготвеност.

Предложеното партнерство може да придонесе за целите на Саудиска Арабија во рамките на Визијата 2030, која вклучува локализација на военото производство.

Текстот Ријад и Анкара преговараат за договор за одбрана вреден 6 милијарди долари, објави „Блумберг“ е превземен од МАКФАКС.