Активни се 12.324 случаи во државава од кои најголем број 6484 се во Скопје. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени се 4.695 тестови, регистрирани се 1.045 нови случаи со ковид-19, 25 починати и 2.418 оздравени пациенти. Од вкупно 1.045 позитивни, регистрирани се 132 реинфекции.
Потпретседателката и раководител на Одделот за воспаленија и имунолошки истражувања во компанијата „Фајзер“, доктор Елена Пеева, Македонка, која 30 години живее и работи во САД во интервју за МИА истакнува дека клиничките и епидемиолошките испитувања недвосмислено покажуваат дека засилувачката вакцина дава подобра заштита за омикрон варијантата отколку една или две дози од вакцините против ковид-19.
Засега немам информации за значителни несакани ефекти по примање на засилувачка вакцина на „Фајзер“ кај луѓе кои претходно се имунизирани со други вакцини. Засилувачката доза не мора да биде иста со вакцината која е користена при првичната имунизација. Американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) препорачува дополнителна доза со мРНА вакцина против ковид-19, односно на „Фајзер“ или „Модерна“, независно од типот на претходните две дози. Нема податоци за зголемени или нови нуспојави кога мРНА засилувачката вакцина се комбинира со претходни дози од различните типови на вакцини – вели д-р Пеева.
Таа посочува дека компанијата „Фајзер“ започнала клиничко испитување за тестирање на нова верзија на мРНА вакцина, специјално произведена за омикрон варијантата, бидејќи првично примените две дози не даваат доволна заштита од омикрон.
Целта на студиите е да се увиди имунолошкиот одговор по примањето на новата омикрон-базирана вакцина. Кај невакцинираните лица оваа вакцина ќе се тестира во три дози, а кај лицата кои претходно се вакцинирирани со две дози, оваа вакцина ќе се даде како засилувачка, трета доза. Кај оние лица кои досега примиле три дози, омикрон-базирана вакцина ќе се даде како четврта доза и ќе биде споредена со имунитетот постигнат по четири дози од сегашната вакцина. На тој начин ќе се утврди каква е реакцијата кај сите групи луѓе по примањето на новата омикрон-базирана вакцина во однос на имунолошкиот одговор – вели д-р Пеева.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 278.182, бројот на оздравени пациенти е 257.280, а на починати е 8.578.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.