Националната галерија го најавува претставувањето на творештвото на Анета Светиева. Изложбата ќе биде поставена во Даут пашиниот амам до крајот на месец август, а официјалното отворање ќе биде на 21 мај 2025 (среда), во 20 часот.
Ретроспективната изложба на Анета Светиева е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја креираа нашата ликовна сцена. Проектот ја следи монографијата за Светиева издадена 2023 година, со што се заокружува долгогодишното следење и истражување на богатиот творечки опус на еден од најзначајните македонски скулптори.
Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот.
Во почетокот на седумдесеттите , поинаквите видувања не само на формата, на појавниот облик, туку и на некои суштински прашања во однос кон делото, беа причина критиката да ги дефинира скулптурите на Анета Светиева (веќе во нејзините првични настапи) како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели. Тие блескави мигови вон од општите стилски движења и веќе контурирани шеми, создаде еден индивидуален пробив во скулпторската материја. Нејзиниот самостоен пластички исказ кој се наметна со силината на автентичноста надвор од главните актуелни текови, го иницира внатрешното битие на делото, неговата вибрација што реагира на живиот дух на времето како знак на современоста. Внатрешните диктати се генерирани од изворите на нејзиниот интерес за етносот, фолклорот и печената земја како исконските артефаки, како прилози на делување на еманципираниот човечки дух. Нејзиното творештво е во темелен дијалог со етнолошката ризница и обичаите на Балканот и пошироко, врз кои што ги гради сопствените митолошки пејзажи и ги воскрснува колективните митови до степен на универзалното. Во нејзините форми, материјализираната идеја се наметнува со убедливо сведоштво за густо, слоевито преплетување на уметноста на сегашниот миг и оние слоеви кои можат да се разбудат во секој творец. Тој спој е кај Анета реализиран и нагласен и во него е содржан и одговорот на круцијалното прашање за потеклото и слоевитото значење на нејзиното дело. Во каталогот за изложбата во Белград, 1984, Анета кажува : “Моите размислувања, некој флуид …и порано, веке во првите чекори, беа насочени кон овој свет на митот како автохтоност, автентичност, како мој идентитет искажан со синтагми, со секвенци од разновидните области и начини на сфаќањето на животот на мојот народ, на мојата почва и поднебје. Се е поврзано на некој начин.”
Текстот Ретроспективна изложба на Анета Светиева во Даутпашиниот амам е превземен од МАКФАКС.