Режисерот Брејди Корбет, чиј филм „Бруталист“ ја освои публиката и критиката, доби 10 номинации за престижниот Оскар и заработи над 31 милион долари, зборуваше за финансиските тешкотии со кои се соочил и покрај големиот успех.

Откри дека практично живее на работ на сиромаштија.

Корбет рече дека тој и неговата партнерка Мона Фастволд не заработиле ниту цент за нивните последни два филма. Рече дека паднал во таква финансиска криза што неодамна одлучил да прифати работа да режира реклами во Португалија. „Ова беше прв пат по неколку години да заработам пари“, рече Корбет.

Корбет тврди дека тој не е единствениот режисер со номинации за Оскар кој едвај врзува крај со крај.

„Разговарав со многу режисери чии филмови беа номинирани оваа година, а тие не можат да си ја платат киријата“, рече тој, без да именува имиња.

„Не ви плаќаат за да промовирате филм, а ако погледнете одредени филмови кои премиерно беа прикажани во Кан, тоа беше пред речиси една година. Нашиот филм беше премиерно прикажан во септември, па јас го правам ова веќе шест месеци без приход бидејќи немам време за друга работа”, признал тој.

Извор близок до режисерот откри за Page Six дека Корбет во еден момент изразил жалење што ја презел задачата да направи толку сложен филм.

„Години од мојот живот беа потрошени како резултат на стресот од снимањето на филмот. Иако филмот беше толку влијателен, па дури и комерцијално исплатлив, што е некако неверојатно“, рече еднаш Корбет, додавајќи: „Не знам дали осум години страдање вредат четири месеци успех“.

За потсетување, покрај тоа што беше номиниран за Оскар за најдобра машка улога (Адриен Броди), најдобра споредна машка улога (Гај Пирс), најдобра споредна женска улога (Фелисити Џонс) и најдобро оригинално сценарио, филмот „Бруталист“ освои и четири БАФТА и три Златни глобуси, вклучително и за најдобра режија на двете церемонии.

Бруталист е епска драма што го следи животот на визионерскиот архитект Ласло Тот (Адриен Броди), кој го преживеа холокаустот.

Приказната започнува во 1947 година, кога Тот пристигнува во САД во потрага по нов почеток. Иако на почетокот живее во сиромаштија, Тот се запознава со индустријалецот Харисон Ли Ван Бурен (Гај Пирс), кој го препознава неговиот талент и го ангажира да изгради голем центар за заедницата во Филаделфија. Додека Тот првично ја прифаќа работата со ентузијазам, тој наскоро сфаќа дека моќта и наследството доаѓаат со високи цени.

Филмот имаше тежок пат до реализација. Филмот првично беше најавен во 2020 година, но пандемијата Ковид-19 го одложи снимањето и предизвика промени во актерската екипа. Корбет откри во интервју за британскиот Џо дека пандемијата повеќепати ја стопирала претпродукцијата: „Најмалку три или четири пати бевме целосно „осакатени“. Ќе патував до локацијата за да почнам со подготовките, а потоа сè ќе се распаднеше“.

Но, пандемијата не беше единствената пречка. За време на неговиот говор на Златните глобуси, Корбет призна дека му било кажано дека таков филм ќе биде „невозможно да се дистрибуира“ и дека „никој нема да го гледа“.

Еден од проблемите беше должината на филмот. Имено, филмот трае 215 минути, што многумина го сметаа за предолго за пошироката публика. Корбет рече: „Го предложивме филмот на околу дваесет до триесет продукциски компании кои финансираат филмови во опсег од 10 до 15 милиони долари, но сите тие го одбија“.

И покрај тоа, режисерот ги пофали продуцентите кои веруваа во проектот: „Никогаш не се откажаа. Презедоа огромни лични и финансиски ризици и јас сум пресреќен што тие ризици се исплатија“.

Корбет коментираше дека денешната индустрија е склона кон ризик, но истакна дека многу од овогодинешните номинирани награди се независни, оригинални и смели.

„Публиката копнее по уникатни филмови со препознатлив потпис, но тоа не е секогаш интуитивно за луѓето кои носат одлуки за финансирање. На прашањето што би сакал да гледа повеќе во Холивуд, тој рече: „Потребни ни се повеќе смели филмови кои не чинат стотици милиони долари. Постои разумна линија каде што актерите и екипата се фер платени, но без непотребни екстреми“.

Текстот Режисерот на „Бруталист“ кој има 10 номинации за Оскар: Живеам на работ на сиромаштијата е превземен од МАКФАКС.