Нови разузнавачки информации споделени од американски и западни претставници сугерираат дека рускиот претседател Владимир Путин го префрлил својот непосреден фокус во војната против Украина на краткорочни цели. Ова е првенствено за да се консолидира контролата врз територијата што руските сили веќе ја зазедоа и да се зајакне руската економија, која се бори со сериозни тешкотии, изјавија за Си-Ен-Ен повеќе извори запознаени со содржината на разузнавачките извештаи.

Ова претставува пресврт од претходните проценки на американските и западните разузнавачки служби, кои сугерираа дека Путин верува оти ситуацијата на бојното поле е во негова корист, односно дека има и моментум и човечка сила за долготрајна војна против ослабената Украина, со цел да ја освои целата земја.

Перцепцијата дека Путин можеби се предомислил се совпаѓа со верувањето на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите преговарачи дека рускиот претседател сега можеби е поподготвен да разгледа мировен договор отколку порано, изјавија за Си-Ен-Ен два американски извори запознаени со разговорите.

Но, високи американски претставници остануваат скептични кон тврдењата на Путин за време на преговорите дека сака мировен договор, иако предлогот на САД е во голема мера во корист на Русија и вклучува признавање на поголемиот дел од територијата што ја зазеде.

Општо е прифатено дека дури и ако Москва се согласи со сегашната верзија на договорот, подоцна може да се обиде да ја обнови војната и да се обиде да заземе повеќе украинска територија.

„Мислам дека сега размислува, не би рекол поскромно, но во однос на поразумни, поблиски цели“, рече еден висок западен разузнавачки службеник.

Притисокот од администрацијата на Трамп, која сè повеќе се заканува со дополнителни санкции, и руската економска криза би можеле да го доведат Путин во тешка позиција. Во исто време, преговорите силно ја нагласуваат можноста за големи американско-руски инвестиции доколку војната заврши, што САД го опишуваат како „историска можност“.

„Сè зависи од тоа што САД ќе донесат на маса, така што не само што ќе ја прикажат победата дома, туку и навистина ќе почувствуваат дека постигнале нешто доволно големо за да оправдаат значајна пауза, а можеби и еден ден повторно да го започнат конфликтот“, рече истиот висок разузнавачки функционер, пренесува медиумотг.

Изворот истакна дека Путин често ги споменува регионите од кои „потекнува рускиот народ“.

Висок европски функционер се согласува дека Москва во моментов е подготвена да „ја игра играта“ и привремено да ги ограничи своите цели со цел да ги подобри односите со Вашингтон, но предупреди: „Јасно е дека тие не се откажале од своите максималистички воени цели“.

„Кремљ се надева дека подобрите односи ќе го одвлечат вниманието од војната, по тактичка пауза, и дека потоа ќе може да ги постигне целите на Путин преку комбинација од воена сила, економски притисок, информативна пропаганда и политичко влијание – не само во Украина, туку и пошироко“, рече истиот европски функционер.

Порано оваа година, американските разузнавачки служби ги предупредија сегашните советници на Трамп дека контролата врз Украина останува главен приоритет на Путин, веднаш по опстанокот на неговиот сопствен режим. Тие, исто така, предупредија дека рускиот лидер ќе се обиде да го искористи секој знак дека новата администрација брза кон преговори, изјави извор запознаен со разговорите.

„Путин се предомисли бидејќи верува дека од другата страна е американски претседател кој не знае што прави и кој е фокусиран на брзи победи“, рече демократскиот конгресмен Џејсон Кроу, член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.

„Путин верува дека може да се постигне договор кој едноставно нема да се спроведе“, додаде Кроу.

Текстот Разузнавачки служби: Целите на Путин се променија е превземен од МАКФАКС.