Рускиот претседател Владимир Путин повика на „сериозни“ разговори со НАТО за руските предлози за безбедносни гаранции што ги бара Москва, соопшти Кремљ. Тоа го изјави Путин при првиот телефонски разговор со новиот германски канцелар Олаф Шолц, соопшти Кремљ, наведувајќи дека рускиот претседател му ги пренел на Шолц деталите за предлозите кои неодамна беа испратени до НАТО и САД и изрази надеж дека „ќе се водат сериозни разговори за сите прашања што ги покрена руската страна“.
Претходно Путин за тоа прашање разговараше и со претседателот на Франција, Емануел Макрон, додека американските власти изразија очекување дека во јануари ќе го продолжат дијалогот со Русија за Украина и безбедноста во Европа. Западот ја обвинува Русија дека се подготвува за можна инвазија на Украина, бидејќи има акумулирано десетици илјади војници на границата. На Москва ѝ се закануваат санкции во случај на агресија. Путин од своја страна смета дека позицијата на Западот е заканувачка и бара Вашингтон и НАТО да дадат гаранции дека Алијансата нема да се прошири на исток.