Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија се соочува со недостиг на гас, резултат на повеќемесечната кампања на украински напади врз енергетската инфраструктура на земјата, објави „Киев Индепендент“, повикувајќи се на „Москва Тајмс“.

Изјавата доаѓа во време кога Украина се обидува да изврши економски притисок врз Русија и да ја поткопа нејзината способност да ја финансира војната.

Зборувајќи на Источниот економски форум во Владивосток, Путин рече дека знаците на недостиг на гас се веќе видливи на рускиот Далечен Исток. Тој рече дека снабдувањето со нови бизниси може да биде предизвик и дека се очекува значително зголемување на побарувачката на гас во Далечниот Источен Федерален округ во наредните години.

Путин не ги прецизираше причините за потенцијалниот недостиг, но предложи префрлање на резерви на јаглен, за кои тврди дека „ќе траат речиси илјада години“.

Од почетокот на инвазијата во 2022 година, Украина таргетираше десетици рафинерии, складишта на нафта и воено-индустриски објекти со дронови со долг дострел за да ги попречи воените напори на Москва. Киев неодамна ги засили нападите пред можните мировни преговори, кои следеа по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со Владимир Путин во Алјаска на 15 август и со претседателот Володимир Зеленски во Вашингтон на 18 август.

Нападите ја нарушија способноста на Русија да рафинира и извезува нафта и предизвикаа недостиг на бензин во некои руски региони, како и во окупираниот Крим.

Во меѓувреме, по три години војна во Украина, Европа објави план за забрана на целиот увоз на руски гас.

Текстот Путин призна дека на Русија ѝ се заканува недостиг на гас е превземен од МАКФАКС.