Рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање до јавноста ги нарече постапките на лидерот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, предавство и нож во грб.
„Наидовме на предавство, амбициите доведоа до предавство на татковината“, рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
На руските вооружени сили им е наредено да ги неутрализираат оние кои го организираа вооружениот бунт, рече Путин.
Тој изјави дека оние кои се фрлиле на оружје против своите соборци и кренале бунт, ја предале земјата и ќе бидат казнети.
„Секое внатрешно превирање претставува смртна опасност за нашата државност и нашите активности за заштита од таа опасност ќе бидат жестоки. Сите оние кои го подготвија бунтот ќе бидат строго казнети“, рече Путин.
Путин рече дека Русија сега се бори за опстанок и дека оваа борба бара единство каде сите разлики треба да се остават настрана. Затоа дејствијата што го нарушуваат тоа единство, нагласи Путин, во суштина претставуваат предавство и нож во грбот на Русија и рускиот народ.
Путин ја спореди акцијата на Пригожин со револуцијата од 1917 година, додека војската на царот се борела во Првата светска војна. Тој додаде дека власта нема да дозволи такво нешто да се повтори и ќе го заштити народот.
Путин ги нарече борците од Вагнер кои се бореа на фронтот херои и рече дека нивниот имиџ и слава биле предадени од оние кои го организирале бунтот.