Западот треба да престане да испраќа оружје во Украина, му рекол рускиот претседател Владимир Путин на неговиот француски колега Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор, објави Кремљ.

Advertisements

Путин, според соопштението, рекол дека „Западот би можел да ги прекине ужасите со соодветно влијание врз властите во Киев, како и со прекин на испорака на оружје за Украина“.

Путин ги обвинил украинските сили дека вршат воени злосторства кои Европската унија „ги игнорира“.

Рускиот претседател додал дека „и покрај некохерентноста и недостигот на подготвеност кај Киев за сериозна работа, руската страна секогаш е отворена за дијалог“ за да се најде решение за судирот.

Одговарајќи на загриженоста на Франција за сигурноста на светот во снабдувањето со храна, Путин рекол дека „ситуацијата во врска со тоа е комплицирана, главно поради санкциите од западните земји“, се наведува во соопштението.

Путин денеска потпиша декрет за возвратни економски санкции како одговор на „непријателските активности на одредени странски држави и меѓународни организации“.

Односите меѓу Франција и Русија се многу напнати поради руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари. Сепак, и покрај напнатоста, Макрон повеќе пати разговараше со Путин, пред и по почетокот на инвазијата, во безуспешно настојување да најде решение, констатира Франс прес.