Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Текстот Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ е превземен од МАКФАКС.