Во ПСЖ се подготвени на сè, само да му угодат на Килијан Мбапе и да го задржат во тимот. Токму затоа се работи на нов голем трансфер кој треба да се реализира летово. Мбапе ќе остане на „Паркот на принцовите“ барем уште една сезона, а во случај да се доведе играч кој оваа сезона игра брилијантно, престојот на најдобриот француски фудбалер во Париз би можел да биде продолжен.
И покрај тоа што во тимот има неколку фантастични фудбалери во офанзивата, на париските „светци“ им недостига квалитетен напаѓач, поради што Лукас Кампос веќе ги засука ракавите.
Спортскиот директор на парижаните веќе работи на нов голем трансфер. Се работи за доведување на Виктор Осимен, кој е повеќе од доминантен оваа сезона. Кампос го донесе Осимен во 2019 година во Лил за 22,5 милиони, а потоа го продаде во Наполи за три пати повисока цена. Сега ќе се врати во лов по фантастичниот Нигериец, но за тоа ПСЖ ќе мора да издвои најмалку 100 милиони евра, сума што ја бара контроверзниот газда на Наполи, Аурелио Де Лаурентис.
„Радио Монте Карло“ известува дека веќе се одржани неколку состаноци со претставниците на играчот и дека трансферот наскоро може да биде официјализиран, што ќе биде јасен знак за останување на Мбапе.
Осимен постигна 25 гола на 29 натпревари оваа сезона, неговата експлозивност и сила се ноќна мора за сите одбрани. Така тој е рекордер за максимална брзина од 36,6 км/ч во Серија А оваа сезона.