Европскиот совет направи преглед на подготовките за проширувањето и внатрешните реформи врз основа на Декларацијата од Гранада, потсетувајќи дека работата на двата колосека треба да напредува паралелно за да се осигура дека и идните земји членки и ЕУ ќе бидат подготвени за членство во моментот на нивниот прием, се наведува во Заклучоците од дводневниот Самит на ЕУ, што започна вчера во Брисел, пренесува МИА.
– Европскиот совет ќе се осврне на внатрешните реформи на следниот состанок, со цел до летото 2024 година да се усвојат заклучоците за патоказите за идната работа, се нагласува во делот од заклучоците посветен на процесот на проширување и внатрешните реформи на ЕУ.
Во документот се истакнува дека врз основа на препораката на Еврокомисијата од 12 март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина.
– Европскиот совет ја поканува Комисијата да ја подготви преговарачката рамка со цел нејзино усвојување од страна на Советот во моментот кога ќе бидат преземени сите релевантни чекори наведени во препораката на Комисијата од 12 октомври 2022 година, се вели во документот.
Лидерите, исто така, го поздравува напредокот на Украина и Молдавија во спроведувањето на неопходните реформи на нивниот пат кон ЕУ и повикува на брзо усвојување на нацрт-преговарачките рамки со двете земји, а се „забележуваат и тековните напори“ на Грузија и се охрабрува земјата да напредува кон исклучителните приоритетни реформи.
Во делот од заклучоците посветени на Украина се наведува дека воената агресија на Русија врз земјата и руската нелегална анексија на Крим и Севастопол претставуваат очигледно кршење на обврските на Москва од Повелбата на ОН и меѓународното право, па затоа Европскиот совет е се поцврст во поддршка за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници.
– Русија не смее да успее. Со оглед на итноста на ситуацијата, Европската Унија е решена да продолжи да им ги дава на Украина и нејзиниот народ сета неопходна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка онолку долго колку што е потребно и интензивно колку што е потребно. Европскиот совет ги поканува сојузниците и партнерите ширум светот да се приклучат во овој потфат, се вели во документот
Натаму во текстот се нагласува дека на Украина итно и се потребни системи за противвоздушна одбрана, муниција и проектили, па затоа ЕУ и земјите-членки ќе ја забрзаат и интензивираат испораката на сета потребна воена помош и во тој контекст се поздравува иницијативата на Чешка за итна набавка на муниција, што ќе овозможи исполнување на заложбите на Унијата да си обезбедат на Украина еден милион парчиња артилериска муниција.
Европскиот совет ги поздравува билатералните договори за безбедносни обврски склучени со Украина од страна на неколку земји членки и партнери, како и усвојувањето на Одлуката за Фондот за помош на Украина.
– Европскиот совет го разгледа напредокот во следните конкретни чекори кон насочување на вонредните приходи од замрзнатите руски средства во корист на Украина, вклучително и можноста за финансирање воена поддршка. Воената поддршка и безбедносните обврски на ЕУ ќе бидат обезбедени со целосно почитување на безбедносната и одбранбената политика на одредени земји членки, земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји членки, се наведува во заклучостите, при што се поздравува и недоманешното усвојувањето на 13-тиот пакет санкции против Русија и нејзините поддржувачи од кои се бара веднаш да престанат да даваат материјална поддршка за руската агресија.
Во овој дел од заклучоците се осудуваат и „континуираните кршења на човековите права од страна на Русија на окупираните украински територии, вклучително и депортацијата на децата, како и спроведувањето на „нелегалните т.н. избори на привремено окупираните украински територии Крим, Севастопол, Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон“.
– Русија и нејзиното раководство мора да понесат целосна одговорност за агресивната војна против Украина и за други најтешки злосторства според меѓународното право, како и за огромната штета предизвикана од нејзината војна, се додава во заклучоците.
Во документот се реафирмира посветеноста на ЕУ за поддршката на обновата и реконструкцијата на Украина, како и на враќањето на нејзината позиција на традиционални извозни пазари, особено на Блискиот Исток и Африка.
– Европската унија и нејзините земји-членки ќе продолжат со нивните интензивни глобални напори за да се обезбеди најширока можна меѓународна поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир и клучните принципи и цели на формулата за мир на Украина, со перспектива на иден глобален мир Самит, се вели во заклучоците, при што се изразвува и поддршка за Молдавија и Грузија во справување со дестабилизирачките активности од страна на Русија и поткопувањето на нивниот територијален интегритет.
Во однос на последните случувања на Блискиот Исток, лидерите на ЕУ изразуваат „згрозеност од невидените загуби на цивилни животи и критичната хуманитарна ситуација“.
– Европскиот совет повикува на итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и обезбедување хуманитарна помош, се нагласува во заклучоците.
Советот потсетува и на претходните „најсилни можни осуди“ на Хамас за „бруталните и неселективни терористички напади“ врз Израел на 7 октомври 2023 година, признавањето на правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право и повикот на итно ослободување на сите заложници без никакви предуслови, а се најавува и усвојување на дополнителни рестриктивни мерки против Хамас.
– Европскиот совет е длабоко загрижен за катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа и нејзиниот несразмерен ефект врз цивилите, особено децата, како и за непосредниот ризик од глад предизвикан од недоволниот влез на помош во Газа. Целосниот, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап до и низ Појасот Газа преку сите канали е од суштинско значење со цел на цивилното население да му се обезбеди доволна помош за спасување животи и основните потреби. Европскиот совет ја поздравува иницијативата Амалтеа за отворање на поморска рута за итна помош од Кипар до Газа, која ги надополнува копнените патишта кои остануваат главен начин за испорака на потребните количини. Потребни се дополнителни копнени патишта и премини, се додава во текстот.
Лидерите повикуваат и на запирање на какво било понатамошно раселување на населението од Газа и ја повикуваат израелската Влада да не презема копнена операција во Рафа, што „ќе ја влоши и онака катастрофалната хуманитарна ситуација и ќе го спречи итно потребното обезбедување на основни услуги и хуманитарна помош.
– Над милион Палестинци во моментов бараат безбедност од борбите и пристап до хуманитарна помош таму. Сите страни мора да го почитуваат меѓународното право, вклучувајќи го меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права, се вели во заклучоците, при што се изразува поддршка за активностите на УНРВА.
Европскиот совет повикува и на итен прекин на насилството на Западниот Брег и
Источен Ерусалим, како и за обезбедување безбеден пристап до светите места и при тоа остро го осудува насилството на екстремистите меѓу еврејските доселениците за кои се бара одговорност за стореното и се бара од израелската Влада за запирање на „проширувањето на илегалните населби на окупираниот Западен Брег“.
Лидерите ја нагласуваат и посветеноста на спречување на понатамошна ескалација на тензиите во регионот, особено во Либан и реонот Црвеното Море и ја поздравуваат операцијата Аспида за заштита на слободата на пловидба и безбедноста на морнарите во Црвеното Море, Аденскиот Залив и поширокиот регион.
– Европската унија останува цврсто посветена на траен и одржлив мир заснован на решението со две држави. Палестинците и Израелците имаат еднакво право да живеат во безбедност, достоинство и мир. Европскиот совет ги повикува сите страни да се воздржат од активности кои го поткопуваат принципот на решението за две држави и одржливоста на идната палестинска држава, се додава во документот.
Во делот од заклучоците посветени на безбедноста и одбраната се нагласува посветеноста на ЕУ на зголемување на севкупната одбранбена подготвеност и капацитети согласно нејзините потреби и амбиции.
Со цел зголемувањето на одбранбената подготвеност и зајакнувањето на суверенитетот на Унијата од земјите членки се бара зголемување на трошоците за одбраната, подобар пристапот на европската одбранбена индустрија до јавните и приватните финансии, поттик на заедничките набавки, заедничките одбранбени инвестиции, зајакнување на отпорноста на европската одбранбена индустрија, понатамошна интеграција на европскиот одбранбен пазар, навремено идентификување на тесните грла во синџирите на снабдување за одбранбениот пазар и инвестирањето во квалификувана работна сила за да се надмине недостигот на работници во одбранбената индустрија.
– Посилна и поспособна Европска унија на полето на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна со НАТО, кој останува основата на колективната одбрана за нејзините членки, посочуваат лидерите на ЕУ во заклучоците.
Советот на ЕУ ја потврдува и посветеноста на Унијата да продолжи со сеопфатен пристап кон миграцијата и ја поддржува решителноста на Комисијата да ги зајакне сите алатки со кои располага за ефикасно спротивставување на трговијата со луѓе.
Лидерите, исто така, ја нагласува „императивната потреба“ за засилена и координирана воена и цивилна подготвеност и стратешко управување со кризи и повикува на активности за зајакнување на подготвеноста и одговорот на елементарни непогоди на ниво на ЕУ.