Бројката од близу 1 200 нови случаи на ковид-19 е сосема очекувана, со оглед на метежот за Нова година и намалениот број на тестирања поради празникот и викендот. Денеска практично ги надокнадивме испуштените броеви и се вративме на линијата на експоненцијалниот тренд на раст, вели професорот од Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски, кој ги следи статистиките поврзани со епидемијата.
Со растот на бројките ќе се занимаваме и во наредните денови, а сега ќе го разгледаме зголеменото учество на омикрон сојот. Уште вчера беше изнесена претпоставка дека омикрон сојот веќе доминира или е на пат да доминира, поаѓајќи од анализата на опаднувачката ефективност на вакцините против заразување (портокаловата линија на првиот дијаграм), вели Трајковски во денешната објава на Фејсбук.
Тој вели дека денеска имаме четири нови докази за доминацијата на сојот омикрон.
Прво, стапката на хоспитализираност измината недела нагло опадна од 6-7% на 4-5%. Како што знаеме, во Јужноафриканската Република, но и во Велика Британија и Данска уште пред неколку недели утврдиле дека омикрон сојот дава полесна клиничка слика, со процентуално помалку хоспитализации и помалку смртни случаи. Како што ќе расте доминацијата на омикрон сојот, не би требало да се изненадиме ако стапката на хоспитализираност опадне на само 2-3%. Второ, стапката на позитивни тестови започна да се зголемува. Ова е јасен показател за зголемената преносливост на омикрон сојот, којашто за време на доминацијата на сојот делта беше во постојано намалување (како што растеше прележаноста) и таа не зависеше многу од бројот на тестирањата. Оваа стапка не беше многу зголемена ни во предновогодишниот период за прослави, вели професорот.
Трето, според Трајковски, се тестирањата на клиниките кои покажаа дека заразените од омикрон сојот веќе претставуваат значителен дел од популацијата новозаразени.
Од 24 брисеви утврдени се девет случаи на сојот омикрон. Тоа претставува учество од 37,5%. Поради малиот примерок од само 24 брисеви, интервалот на доверба е прилично широк, од 21% до 57%, за ниво на доверба од 95%. Четврто, според неделниот извештај на ИВЗ Скопје стапката на реинфекции е поголема за три пати во однос на претходната недела – уште еден доказ дека омикрон сојот е меѓу нас, односно дека успешно го заобиколува стекнатиот имунитет од прележување, вели Трајковски.
Тој додава дека иако сојот омикрон се шири со молскавична брзина, сепак за да стигне до оваа распространетост, симулациите кажуваат дека му требале најмалку дваесетина дена, односно тој влегол во државата десетина дена пред првиот лабораториски потврден случај во Битола. Со заобиколување на стекнатиот имунитет, но и со отпорност кон постоечките вакцини, омикрон не само што му ги презема жртвите на сојот делта, туку инфицира и веќе прележани и вакцнирани, коишто нормално се имуни на делта.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.