Професорот Дејан Трајковски во својата најнова обемна анализа на ковид состојбата во нашата земја оценува дека стапката на леталитет, како сооднос на бројот на починати и вкупниот број на случаи, е невообичаено висок.
Дали една од евентуалните причини е квалитетот на лекување кое го нуди нашето здравство?
-Очигледно е дека во македонските болници лекувањето има многу слаб квалитет. Нашите здравствени власти имаа време од 18 месеци да доведат неколку странски доктори кои би лекувале едно одделение болни од ковид, каде нашиот медицински персонал би научил како треба правилно да се лекува. Во вакви ситуации треба суетата да се остави на страна, бидејќи чини многу човечки животи. Всушност, бидејќи се работи за нова болест, самите доктори требале да побараат странска помош, затоа што леталитет од 61,5% е сé, само не нормален. За споредба, во САД стапката на болнички леталитет од ковид изнесува околу 10%, проценува Трајковски.
Професорот вели дека, иако се изгубени многу животи (одвишната смртност од почетокот на епидемијата до сега изнесува околу 13.000 лица), не е доцна да се проба со странски доктори, бидејќи есенскиот бран штотуку започнува.
-Во западна Европа повеќе нема голем притисок врз болниците, па ќе биде полесно да се најдат слободни доктори. А со суетата можеме да продолжиме после епидемијата, вели Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.