После вчерашните 813 новозаразени со Ковид-19, универзитетскиот професор Дејан Трајковски, кој со математички пресметки го објаснува пикот на пандемијата и ситуацијата со коронавирус, смета дека денешниот ден може да донесе уште поголем број на заразени.

Што ли ќе донесе вторникот, не смеам ни да помислам. Од денеска ефективниот репродукциски број Rt ќе се пресметува според малку изменета формула, којашто зема сериски интервал од 2,2 дена, карактеристичен за Омикрон сојот. Серискиот интервал, инаку, претставува просечен временски интервал од покажувањето на симптомите кај заразувачот до покажувањето симптоми кај новозаразениот. Кај пресимптоматска трансмисија овој интервал е просечно еден ден пократок од периодот на инкубација (временскиот интервал од инфицирањето до покажувањето симптоми на едно исто лице). Кај Омикрон сојот, значи, периодот на инкубација трае просечно само 3 дена, речиси како кај грипот и многу пократко отколку кај дивиот, вухански сој, потенцира Трајковски.

Според професорот, кај факторите на растот нема измена, бидејќи тие во основа претставуваат усреднети количници на геометриската прогресија на дневниот број на случаи.

Моментално факторот на раст изнесува околу 1,15, односно дневните броеви на случаи во просек растат за околу 15% дневно. Овој фактор во себе го обединува ефективниот репродукциски број Rt и серискиот интервал. На тој начин, дури и да не го знаевме серискиот интервал од најновите пресметки на корејските научници, со помош на факторите на растот можеме да вршиме проекции на динамиката на идниот раст.

Патем кажано, според Американскиот центар за управување со заразни болести (CDC), луѓето со ковид-19 (омикрон сојот) би требало да останат во изолација уште 5 дена по ослабувањето на симптомите и откако треската исчезнала барем 24 часа без лекарства за намалување на треската (температурата). Потоа, ЦДЦ ги советува луѓето да носат маска во близина на други луѓе наредните 5 дена, за да го намалат ризикот од заразување на другите, објаснува проф. Трајковски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.