Да бидеш шеста земја во светот по смртност од ковид-19 е нешто што сите нè загрижува и сметам дека сега сме во иста ситуација како што бевме и пред две години. Сега е омикронот, немаме многу работи со коишто може да се пофалиме дека ги етаблиравме од професионален аспект и повторно се соочуваме со новите предизвици, смета професорката на Медицинскиот факултет во Скопје Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд.
Вечерва се одржа првата јавна научна дискусија С(ц)иеста во организација на Фондацијата Кантарот. Темата на панелот Ковид: две години подоцна, а главни точки на разговор беа варијантата омикрон и заканите од неа, вакцинацијата на возрасни и на деца и како Македонија се справува со пандемијата, а како светот.
Покрај проф. Стикова, панелисти беа и професорите од Медицинскиот факултет во Скопје проф. Д-р Драган Даниловски, специјалист по епидемиологија и проф. Д-р Никола Пановски, специјалист по медицинска микробиологија. Дискусијата ја модерираше д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм.
Професорката Стикова потсети дека во Македонија има исклучително висока хоспитална смртност, која изнесува 50 проценти, а тоа значи секој втор што оди во болница починал.
Ние сме меѓу земјите кои се најжестоко погодени од ковидот. Причините се многу комплексни зошто е тоа така. Подготвувајќи се за панелот, се обидов да видам кои се тие земји кои се од регионот и кои припаѓаат во оваа група. Можеби ние носиме некое историско наследство кое што е врзано со начинот на кој одговараме. Сите овие силно погодени земји сме мали земји, земји кои носиме заедничко стручно искуство од поранешниот период, кога сме припаѓале на друга школа, условно така да ја кажам, и сите ние во нашето однесување повеќе се потпираме на нашите лични искуства отколку што се потпираме на пишани протоколи и водени постапки. Има доста импровизација во нашата работа којашто ја работиме, но за среќа, токму затоа што сме мала земја имаме многу интензивни професионални контакти, па дури и кога ќе направиме не толку добра одлука, брзо се повлекуваме и се обидуваме да отидеме понатаму, рече проф. Стикова.
Според неа, кај нас, но и кај земјите во опкружувањето кои бележат лоши ефекти во справувањето ни недостасуваа модерни, современи и стриктни протоколи со коишто ќе регулираме многу прашања во делот на ковидот, постапувањето, сертификатите, вакцинацијата.
Таа неконсеквентност доведе до недоверба кон институциите и тоа дополнително не повлече назад и дополнително им даде ветер во грб на сите оние кои се поблиску до теориите на заговор, кои сакаат да го негираат постоењето на ковидот, да ги минимизираат мерките. Тоа е комплексен проблем, смета проф. Стикова.
Професорот Даниловски потенцираше дека е бадијала науката и технологија, ако нашите општества не научија да ги едуцираат граѓаните, да ги воспитаат на начин во кој примарно ќе биде заедништвото.
Кај нас дојде до израз индивидуализмот. Покажавме дека не сме општество кое функционира како еден добро извежбан оркестар. Се покажа дека функционираме зад една тенка фасада на успешна приказна. Не бевме спремни да признаеме дека ни се заканува општа глобална кризна и тоа ни се одмазди. Потребна е солидарност и се додека не станеме свесни за тоа ќе се влечкаме со други соеви на вируси. Се покажа дека граѓанството нема доверба во институциите. Недовербата кон мерките воопшто поради што беа неуспешни насекаде, повеќе или помалку беше и неконзистентноста на тие мерки, изјавите, препораките што од самиот почеток требаше да бидат базирани исклучиво на наука. Дополнително, до недовербата придонесе и фактот што вакцините беа многу брзо подготвени, па оттука се создаде плодна почва за теории на заговор, рече проф. Даниловски.
Професорот Пановски говореше за тоа дека беше поважно да се збогатат приватните болници, приватните лаборатории.
Нечуено е две години да не потпишете договор со приватни лаборатории за ПЦР тестови. Тоа е скандал.
Многу работи има со кои ни студент не би поминал на испит со такви ставови. Не можеш да одиш со ставови дека маска требало да се носи на планина и на нива, а после во кафана да се симне. И после се чудат зошто луѓето викале дека нè прскаат. Друго објаснување нема ако ти носиш маска на нива или планина. Или она прскање улици во скафандери и слични работи.
Имавме катастрофа во Тетово која можеше да се избегне ако нè послушаа доктор Даниловски и мене во само една работа: да не дозволуваат свадби на затворено. Ништо повеќе. Да не се додворуваат на онаа партија која видете каква катастрофа им направи на своите граѓани.
И кога министерот даде оставка, премиерот рече не е време во пандемија да даде оставка. За после, здравството, во ек на пандемија, да го преземе партија која „а“ нема кажано за здравство. Тука заврши муабетот.
Или ако јас на 18 ноември излегувам и им викам дека во ноември 72.000 луѓе примиле сумамед и дека е препишан на 40.000 осигуреници а тој месец има само 15.000 болни, и дека тоа трае цела година и прави огромна финансиска штета и дека се препишуваат дози кои се забранети – пазете, забранети! – и дека наши доктори тоа го препишуваат, им давам податоци за тоа од Фондот за здравствено осигурување.
На таков скандал, партијата реагира со некое партиско директорче од Фондот кој истражува кој ги дал податоците, како на татко му да се податоците.
Ним им е битно некој да не им го расипе имиџот за надвор. И кога мене ме сметаат за нивен непријател; ти им работиш без пари, им помагаш на граѓаните, даваш совети (иста е ситуацијата и со Даниловски)….Тие чекаат на мои неполни 67 години да кажам како што ТИЕ мислат. Да си ја заборавам струката и да поплукам по неа, вели проф. Пановски.
Тој го повтори твредењето кое често го изнесува во јавноста дека прележаните од ковид-19 треба да се вакцинираат по 45 дена.
За такво нешто студент паѓа на испит, вели Пановски.
Според него, антиваксери на Балканот имало отсекогаш, а сега преку социјални мрежи се засили тоа движење.
Како на ова одговара светот, а особено ние? Наместо да се одговори со факти, искрено , транспарентно, секојдневно од надлежните постои молк и целосно игнорирање на состојбата.
Се оди со излитен став „само вакцината е спас.“ И целосно го игнорираат природно стекнатиот имунитет. Тоа е нечуено, во историјата на медицината.
И сега имаме, на една страна антиваксери, а од друга страна вакцинални фанатици меѓу кои е и Комитетот за имунизација кој вика дека „ние силно веруваме дека вакциналниот имунитет е супериорен во однос на природниот“, притоа не ги интересираат ни бројки ни наука а нив ги слушаше досегашниот министер и досегашниот премиер.
И меѓу едните, антиваксерите, и другите, вакциналните фанатици, имаме исплашени и збунети граѓани.
Кога немаше вакцини, па кога дојдоа, кога викавме дека тоа е спас а не ги силувавме луѓето, тие масовно одеа да се вакцинираат во Србија. Кога почна силувањето на луѓето, без факти, одејќи дури и кон децата од две или пет години, имаме контраефект.
Луѓето гледаат и ги одмеруваат работите. Јас не можам да разберам дека месец ипол не можат да дознаат дали омикрон е поопасен или не е. Колку време требa за тоа, на илјадници пациенти? Еден умрел во Велика Британија на три ипол илјади луѓе, во Израел еден на 450. Што треба да се случи за да ни кажат дали е поопасен или не е?
Меѓутоа, знаат дека побрзо се шири и знаат дека трета доза е одлична за луѓето. Нејасно од каде дознаа дека третата доза е одлична, кога за тоа треба повеќе време отколку да се дознае колку варијантата е опасна. Човек од СЗО кажа и дека луѓето во Јужна Африка не може да ги споредуваме со други бидејќи таму имало многу голем природно стекнат имунитет (??) Замислете ја сега вие таа реченица. А народот гледа. Ама затоа во земји кои имаат 90% вакцинација, ова ќе било многу опасно….
Затоа, заклучок, вакцинирајте се! Е ај сега разберете го вие тоа? Кај што има само 20 посто вакцинирани минале лесно, кајшто има 90% е опасно и викаат вакцинирајте се со трета доза, вели професорот Пановски.
Професорите од Медицинскиот факултет се согласни и повторија дека треба да се слуша гласот на професионалците, а одлуките да не бидат политички, туку базирани на наука.
Целиот панел може да го погледнете тука.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.