Втор ден по ред, продолжува тензичната ситуација во северниот дел на Косовска Митровица поради дебатата за отворање на мостот над реката Ибар.
Косовската полиција објави дека денеска на плоштадот во близина на главниот мост во Ибар, две лица од српска националност биле уапсени откако попречиле работници да избришат некои графити со националистички натписи. Уапсени се Александар Арсенијевиќ и Стефан Велковиќ од партијата Српска демократија.
Ова беше и причина Србите вработени во српските јавни институции во Северна Митровица да протестираат пред полициската станица во оваа општина. Меѓу демонстрантите беа и водачите на Српска Листа, најголемата партија на Србите поддржана од Белград.
Косовската полиција соопшти дека по испрашувањето двајцата уапсени биле ослободени.
„Релевантните полициски единици, со цел да се смири ситуацијата и да се создадат можности за работа, беа принудени да дејствуваат и придружуваа две лица до полициската станица за испрашување. Лицата придружувани до полициската станица, по испрашувањето, беа ослободени“, велат од Косовска полиција.
Инаку, мостот Ибар, во моментов, е отворен само за пешаци, и покрај тоа што во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија е договорено да биде отворен и за движење на возила.
Мостот го чуваат италијански војници од мисијата Кфор, додека во близина се и припадници на косовската полиција.
Мостот постојано е место на немири и барикади поставени од страна на косовските Срби, за да ги спречат косовските власти да воспостават власт на северот од земјата.