Планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој требаше да се одржи во Будимпешта до крајот на месецот, е одложен на неопределено време.

Висок функционер од Белата куќа изјави дека „во блиска иднина нема планови за средба меѓу претседателите Трамп и Путин“, пренесе „Ројтерс“. Истата информација ја потврди и дописникот на „Аксиос“, Барак Равид.

Според него, телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил „продуктивен“, но дополнителен личен состанок засега не е потребен.

Самитот, кој беше најавен како нов обид за постигнување мировен договор за Украина, се соочи со пречки поради откажување на подготвителниот состанок меѓу надворешнополитичките советници на двете страни.

Според извори на Си-Ен-Ен, Рубио и Лавров не успеале да се усогласат околу целите и можниот исход на војната. Белата куќа соопшти дека Трамп и понатаму работи на „мирно и дипломатско решение за завршување на бесмислената војна“, додека американските функционери оценуваат дека руските позиции не се промениле.

Кремљ, пак, тврди дека разговорите биле конструктивни и дека продолжува работата на спроведување на договорите од претходната средба во Анкориџ.

Иако Трамп последниве недели нагласува дека Русија и Украина треба „веднаш да го запрат војувањето“, досегашните дипломатски обиди не донесоа конкретен резултат.

Текстот Пропадна најавениот самит меѓу Трамп и Путин е превземен од МАКФАКС.