Втор ден и по втор пат пропадна обидот за евакуација на цивилите од опколениот град Мариупол на Азовското Море. Украинските власти соопштија дека била договорена нова рута со руските сили, која беше отворена денеска, но планот пропаднал бидејќи примирјето не било почитувано. Но, полошо поминаа цивилите кои бегаа од градот Ирпин западно од Киев. Меѓународни медиуми снимале на локацијата, кога во еден момент падна граната во момент кога група цивили минуваа низ барикадите. Според извештаите, загинале најмалку тројца цивили, меѓу кои и две деца.
Градскиот совет на Мариупол најави дека треба да се изврши евакуација на околу 400.000 жители. Оттаму алармираат дека градот е на работ на хуманитарна катастрофа бидејќи жителите со денови се без вода за пиење, струја, храна и лекови.
„Се плашам за моите роднини и за семејството, тешко е да се помисли дека можете следниот ден да не се разбудите живи. Тоа е страшно. Но, јас верувам во Украина и во мојот народ“, рече една граѓанка на Мариупол
Руските власти пак, повторно ја обвинуваат Украина дека не го почитува договорот за евакуација на цивилите.
„Денеска отвораме хуманитарни коридори во Мариупол и Волноваха. Ќе направиме сè што можеме луѓето фатени во стапицата на украинските власти и националистите да излезат од таму и да останат живи“, изјави Едуард Басурин, портпарол на милицијата на Доњецк
Сличен план за евакуација имаше и вчера, но и тој пропадна бидејќи примирјето не беше целосно почитувано. Ако Мариупол биде освоен, тогаш руските војски ќе си обезбедат копнен пат кон целото приморје на Украина и кон полуостровот Крим. /Алсат.мк
Аднан Ќаили