Пронајдени се останатите делови од малиот авион што завчера се урна во западна Алјаска, а сите 10 лица на борт се загинати, соопштија властите.
Авионот „Беринг Ер“ Цесна 208Б Гранд Караван исчезна од радарот по пат кон Ноум од Уналаклит, во четврток попладне по локално време. Во авионот биле пилотот и девет патници.
Се известува дека авионот се наоѓал на околу 54 километри од Ноум, на замрзнатото море.
Двајца нуркачи од крајбрежната стража беа спуштени за да ја испитаат ситуацијата, а сега се преземат напори за брзо извлекување на телата, бидејќи во следните 18 часа се предвидува влошување на временските услови и појавување на нестабилен мраз.
Американската Национална управа за безбедност на транспортот (NTSB) испраќа девет истражувачи на местото на несреќата за да ги утврдат околностите.
Летањето е најчестиот начин на транспорт во Алјаска поради големата територија и ограничената инфраструктура – повеќето заедници не се поврзани со главните патишта, па се користат мали авиони за транспорт.
Авионот „Беринг Ер“ опслужува 32 села во западна Алјаска, поврзани со центри како Ноум, Коцеб и Уналаклит, со два лета дневно од понеделник до сабота за повеќето дестинации.
Оваа несреќа е трета голема во САД во последните осум дена. На 29 јануари, патнички авион и воен хеликоптер се судрија во Вашингтон, при што загинаа 67 лица, а на 31 јануари медицински транспортен авион се урна во Филаделфија, со загуба на сите шест лица на борт и едно лице на земја.
Текстот Пронајдени се остатоците од урнатиот авион во западна Алјаска, сите 10 лица се загинати е превземен од МАКФАКС.