Американските воени претставници ги пронајдоа остатоците од воениот авион Ф-35 кој исчезна вчера попладне откако пилотот се катапултираше над Јужна Каролина. Властите соопштија дека ги откриле остатоците од авионот вреден 100 милиони долари во руралниот округ Вилијамсбург, два часа североисточно од базата Чарлстон.
Пилотот се катапултирал од пилотската кабина и паднал со падобран на безбедно во населбата Северен Чарлстон. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата.
„Истрагата моментално е во тек и не можеме да презентираме дополнителни информации за да не го загрозиме интегритетот на истражниот процес“, соопштија денеска властите по завршувањето на претресот.
Тие побараа од јавноста да се држат настрана од областа за иследниците да можат да ја завршат својата работа.
Борбениот авион бил на автопилот кога пилотот се катапултирал, изјави портпаролот на базата Чарлстон за Ен-би-си њуз, додавајќи дека можеби веќе некое време бил во воздух, што ја комплицирало потрагата.