Продуцентите на американската цртана серија Симпсонови на социјалните мрежи споделија цртеж на познато семејство со украински знамиња, во знак на солидарност со земјата која беше нападната од Русија.
Извршниот продуцент на серијата Ал Жан изјави дека ваква реакција на политичките настани не се случува „многу често“, но дека е важно „да се биде внимателен за да се одбрани слободата“.
Цртежот, нацртан од долгогодишниот аниматор и режисер Дејвид Силверман, ги прикажува членовите на семејството Симпсон како држат украински знамиња со сериозни изрази на лицето.
Цртежот доаѓа во деновите кога насилството во Украина продолжува по почетокот на воените операции на рускиот претседател Владимир Путин.
„Можете да го видите ова како доаѓа долго време… Затоа мислам дека само треба да бидете многу внимателни во одбраната на слободата. Верувајте ми, Симпсонови се за слобода, слобода на изразување, слобода насекаде“, додаде тој.
Жан рече дека продуцентот на серијата Џим Брукс, Мет Гронинг и Дејвид Силверман сакале да покажат солидарност.
„Намерата е да покажеме дека се грижиме за она што се случува и дека имаме големи симпатии за народот на Украина и сакаме ова да престане“, рече тој.
Тој додаде: „Ова не го правиме често, само многу ретко кога има нешто исклучително важно за цел што не може да биде поголема. Се работи за иднината на демократијата ширум светот“.