Во Брисел продолжува состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на првиот ден од состанокот изјави дека војната на Русија со Украина може да трае долго, бидејќи претседателот Владимир Путин не покажува знаци за промена на „неговата амбиција да ја контролира целата“ земја. „Мораме да бидеме реални и да сфатиме дека ова може да трае долго, многу месеци, дури и години“, рече Столтенберг, додавајќи: „И тоа е причината зошто ни треба исто така, да бидеме подготвени за долги патеки, и кога станува збор за поддршка на Украина, одржување санкции и зајакнување на нашата одбрана“.