Русија продолжи со нападите врз многу украински градови. 5 ракети биле истрелани во западниот град Лавов, а мета беше и главниот град Киев. Во Харкив, најмалку 5 лица загинаа, а 13 други се повредени. Во Мариупол, каде што украинските војници го одбија ултиматумот да се предадат викендов, руските сили одлучија да го затворат градот, блокирајќи ги влезовите и излезите. Русите почнаа да делат посебни дозволи за минување во Мариупол.

Москва тврди дека презела контрола над поголемиот дел од градот, додека украинските власти велат дека градот се уште не паднал и дека војниците ќе се борат до крај. Украинскиот министер за надворешни работи изјави дека Русите решиле целосно да го срамнат со земја Мариупол.

Продолжуваат нападите во источниот регион Донбас. Во својата последна порака, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди на голема офанзива во источна Украина со цел уништување на Донбас. На граѓаните во Луганск им е наредено итно да се евакуираат, јавуваат украинските медиуми.

„Руските трупи се подготвуваат за офанзива на истокот на нашата земја, која ќе започне во блиска иднина. Тие сакаат практично да го уништат и да му стават крај на Донбас. Правиме сѐ што можеме за да обезбедиме заштита“, рече Зеленски.

Зеленски истакна дека нема да го предадат Донбас на Русија, а истовремено го повика Западот на повеќе оружје. „Секое доцнење во испраќањето оружје и дозволува на Русија да не убие“, рече Зеленски.

Алсат