Руските сили ја продолжија воената офанзива во Украина, а настрадаа и цивилни цели како што беше случајот со театарот во Мариупол каде што беа сместени повеќе од 1.000 жени и деца.. Најмалку 107 деца се убиени, а повеќе од 120 се повредени откако Русија ја нападна Украина. Над 410 образовни институции беа оштетени од бомбашките напади, како и 11 болници. Европската комисија го опиша нападот во Мариупол како „нехуман“ и „казнив“, тврдејќи дека тоа е „тешко и сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
„Вчера, за жал, повторно ги видовме постојаните руски злосторства извршени во Украина. Бевме сведоци на бомбардирање на цивилно засолниште во театарската зграда во Мариупол, град кој продолжува да биде опколен од руските сили. Оваа опсада е нехумана а бомбардирањето на градот Мариупол продолжува. Ова е за осуда. Ова претставува тешко и сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право и мора да се укине опсадата и да се запрат бомбардирањето и нападите врз цивилите во Мариупол. Истото важи и за целата агресија на руските сили на украинска територија“, изјави Петер Стано, портпарол на ЕК.
Но, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека наводите дека руската војска го бомбардирала театарот во Мариупол се „лага“.
„Се разбира, режимот во Киев веднаш се обиде да ја префрли вината за сè што се случи во Мариупол, особено за минирањето на зградата на драмскиот театар на руската армија, која, според нивно мислење, наводно фрлили воздушна бомба во театарот. Се разбира, ова е лага“, рече Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
Офанзивата на Русија во Украина „закочи на сите фронтови“, соопшти британското Министерство за одбрана. Во н оценка се вели дека руските сили „постигнале минимален напредок на копно, море или воздух во последните денови и продолжуваат да се соочуваат со големи загуби“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека „војната на рускиот претседател Владимир Путин го разниша мирот и го шокираше светот“. На прес-конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, шефот на НАТО ги пофали силите на Киев и вети дека ќе продолжи да ги поддржува „со цел да го искористат своето право на самоодбрана, како што предвидува Повелбата на Обединетите нации. Обединетото Кралство ќе го распореди во Полска ракетниот систем Sky Sabre, заедно со 100 војници. Одлуката е донесена за да се заштити полскиот воздушен простор од „натамошна руска агресија“. Овој систем може да лансира проектили од 99 килограми.
Исуф Кадриу