Во Словенија, делегација на Европскиот парламент ја испитува состојбата на владеењето на правото во земјата, во врска со сомневањата дека владата ги задушува медиумските слободи, вербално напаѓа новинари и се меша во работата на судството. Го предводи холандската пратеничка Софи ин’т Велд од Либералната група (Renew Europe).
Advertisements
Премиерот Јанез Јанша одби да се сретне со нив, па еден од членовите на делегацијата заклучи дека Јанша е „кукавица“. На тоа премиерот одговори со пост на твитер нарекувајќи ја мисијата на ЕП „марионети на Сорос“.
Холандскиот премиер Марк Руте реагираше осудувајќи го „невкусниот твит“ на Јанша, најавувајќи дека тој ќе даде официјална забелешка откако своја реакција ќе ја пренесе и на словенечката амбасадорка во Холандија, Сања Стиглиќ.
Во меѓувреме, Јанша го избриша твитот.
Меѓутоа, му возврати на Руте велејќи дека обвинувањата за медиумските слободи во Словенија што се шират од европската левица се „бесмислени“.
„Не губете време повикувајќи го амбасадорот и слободата на медиумите во Словенија, туку со Софи ин’т Велд заштитете ги вашите новинари од улични убиства“, напиша Јанша на Твитер, алудирајќи на трагичниот настан кога во Холандија во јули летово беше убиен новинарот Питер Де Врис кој го истражуваше криминалното подземје.
Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, исто така реагираше на твитовите и нападите на Јанша врз европратениците, барајќи од Јанша да се воздржи.
“Го повикуваме Јанез Јанша веднаш да престане да го напаѓа пратеникот во Европскиот парламент, таквите напади се и напад врз европските граѓани. Конструктивната соработка со ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ се базира на меѓусебна доверба и почит”, напиша Сасоли и доби недипломатски одговор од Јанша:
“Словенија не е колонија. Ве молиме кажете им на вашите пратеници да не го злоупотребуваат името на Европскиот парламент за политички интриги и бесмислени обвинувања против Словенија”, рече Јанша во својата порака до Сасоли.
Well, @EP_President, Slovenia is not a colony. Please tell your MP not to abuse the name of the European Parliament for political intrigues and senseless accusations of Slovenia. pic.twitter.com/I4zVA6gx5a
— Janez Janša (@JJansaSDS) October 14, 2021