Еве неколку природни лекови за кашлица кои се прифатени како ефективни:

Мед

Може да се каже дека медот е најпопуларното и најефикасното средство за ублажување на кашлицата. И медицинските експерти се согласуваат дека консумирањето на мед пред спиење ја намалува кашлицата и го подобрува спиењето.

Топла лимонова вода со мед

Во чаша со топла вода исцедете еден лимон и додајте една голема лажица мед. Ова е популарен природен лек и за болно грло.

Сируп од кромид, лук, мајчина душица и мед

Измешајте половина шолја мед со половина шолја вода и во таа течност додајте една главица издробен кромид и една главица издробен лук. Додајте малку мајчина душица и оставете ја смесата да стои преку ноќ. Наредниот ден исцедете ја течноста и пијте ја како сируп. Складирајте го сирупот во фрижидер.

Варен кромид и мед

Во длабок сад варете крупно исечен кромид додека не омекне. Извадете го кромидот и измешајте го со мед. Јадете по малку на секои 4 часа.

Чај од мајчина душица или босилек

Чаевите од мајчина душица и босилек исто така ја смируваат кашлицата, а за максимален ефект, додека се топли во нив додајте и по една лажица мед.

Чај од ѓумбир

Ѓумбирот може да ви помогне за намалување на кашлицата. Пригответе го како чај за да ги искористите и придобивките од консумирањето на топла течност.

Сируп од рен и мед

Изрендајте една осмина лажичка рен во една четвртина шолја мед. Оставете ја смесата да стои неколку часа, а потоа пијте ја како сируп за кашлица. Освен што ќе го намали кашлањето, овој сируп ќе ви го олесни и дишењето.

Топли пијалаци – чаеви, топло чоколадо, супа

Кашлицата се засилува кога грлото е суво и кога чувствувате гребење. За да го елиминирате тоа, потребно е постојано да внесувате топли пијалаци. Ќе почувствувате големо олеснување без разлика дали консумирате супа, топло чоколадо или чај по вкус.