Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го разреши главниот командант на вооружените сили на земјата, генерал Валериј Залужни, потврдија дипломатски извори за ЦИВИЛ МЕДИА. Генералот Олександр Сирски е најавен како замена за генерал Залужни, со претседателски декрет.
Украинскиот претседател изјави дека тој и генералот Залужни имале „искрен разговор“ за потребата од промени во армијата. Тој му се заблагодарил на генералот за неговата „одбрана на Украина од Русија“ од почетокот на агресијата.
Оваа одлука на претседателот Зеленски претставува најголема промена на военото раководство на Украина од почетокот на руската агресија на 24 февруари 2022 година.
„Почнувајќи од денес, нов менаџерски тим ќе го преземе раководството на вооружените сили на Украина“, изјави претседателот Зеленски.
Според него, време е високата команда да се „обнови“ и дека генералот Залужни може „да остане во тимот“.
Зеленски рече дека новиот армиски заповедник, генерал Сирски, има искуство и во одбранбена и во офанзивна војна. Тој е украинскиот генерал кој ја водеше одбраната на Киев во првите месеци од целосната руска агресија.
Во објавите на социјалните мрежи на Зеленски и на Залужни, двајцата објавија фотографија како се ракуваат насмеани.
I met with General Valerii Zaluzhnyi.
I thanked him for the two years of defending Ukraine.
We discussed the renewal that the Armed Forces of Ukraine require.
We also discussed who could be part of the renewed leadership of the Armed Forces of Ukraine.
The time for such a renewal… pic.twitter.com/tMnUEZ3BCX— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 8, 2024
„Донесена е одлука за потребата од промена на пристапите и стратегијата“, напиша генерал Залужни.
Генерал Сирски беше мозокот кој стои зад изненадувачкиот и успешен контранапад на Украина во Харкив, летото 2022 година, и оттогаш командува со воените операции во источна Украина, што е една од двете главни оски во одбраната на Украина.
„Мораме да ја направиме оваа година клучна“, рече Зеленски.
Тој рече дека неговото „обновување“ на раководството на армијата „не се однесува на презимињата“ или политиката, туку на управувањето со вооружените сили на Украина и искуството на командантите на бојното поле.
„Акциите на армијата мора да станат технолошки многу понапредни. Генералштабот мора да се ресетира“, додаде Зеленски.
Зеленски рече дека очекува детален план за вооружените сили оваа година, земајќи ја предвид реалноста на војната со Русија. Тој рече дека треба да има поинаков пристап кон управувањето, мобилизацијата и регрутирањето на првата линија.
Министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров, во изјава му се заблагодари на генералот Залужни, велејќи:
„Генералот Валериј Залужни имаше една од најтешките задачи – да ги води вооружените сили на Украина за време на Големата војна со Русија. Но, војната не останува иста. Војните се менуваат и бараат промени. Битките 2022, 2023 и 2024 година се три различни реалности. 2024 година ќе донесе нови промени, за кои мора да бидеме подготвени. Потребни се нови пристапи, нови стратегии“, изјави украинскиот министер за одбрана.
Генералот Залузни беше назначен за врховен командант на украинските вооружени сили во јули 2021 година. Тој го предводеше отпорот на украинската армија против рускиот агресор две години.
Подготви: Џ. Дерала