Позитивните случаи на коронавирус и повредите во редовите на Евертон ја натераа денеска Премиер лигата да го прифати барањето на клубот од Ливерпул за одложување на нивниот натпревар на „Боксинг деј“ против Барнли на гостински терен.
Ова е 13. натпревар во Премиер лигата, кој е откажан поради коронавирусот, и трет од неделната програма на „Боксинг деј“ што нема да се одигра.
Тренерот на Евертон, Рафаел Бенитез, изјави вчера дека неговиот клуб поднел барање за одложување на дуелот против Барнли, кое Премиер лигата првично го одби, напоменувајќи дека во своите редови има шест повредени фудбалери и петмина заразени со коронавирус.
Премиер лигата одбрува одложување на натпревари само доколку клубот има на располагање помалку од 14 фудбалери – 13 играчи и еден голман, а одборот ги разгледува барањата од случај до случај. (МИА)