Гренландскиот премиер Муте Б. Егеде го нарече многу агресивен потег посетата на американската делегација во земјата, во која е и сопругата на американскиот потпретседател, Уша Венс.
Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џ. Венс доаѓа на Гренланд оваа недела за да присуствува на националната трка на кучиња и „да ја прослави културата и заедницата на Гренланд“, се вели во соопштението на Белата куќа. За Гренланд треба да отпатува и советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, потврди извор запознаен со маршрутата.
„Што прави советникот за национална безбедност на Гренланд? Единствената цел на неговата посета е да ја демонстрира американската моќ над нас. Неговото присуство дополнително ќе ги охрабри Американците да веруваат во мисијата на Трамп, а притисокот ќе се зголеми“, изјави Егеде за гренландскиот весник Sermitsiaq.
Тензиите меѓу САД и Гренланд се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп постојано вели дека САД имаат намера да ја анектираат автономната територија на Данска, доколку е потребно со сила или економски притисок.
„Мислам дека ќе го добиеме на еден или друг начин“, рече Трамп претходно овој месец во обраќањето пред Конгресот.
Гренланд, најголемиот остров во светот богат со ретки минерали важни за високотехнолошката индустрија, со години е предмет на стратешките интереси на САД, Кина и Русија. Заканите на Трамп дополнително ги влошија односите меѓу САД и Данска, која сè уште има контрола врз одбраната и надворешните работи на Гренланд.
Текстот Премиерот на Гренланд: Најавената посета на американската делегација е многу агресивна е превземен од МАКФАКС.