Евакуацијата е невозможна поради континуираното гранатирање, изјави заменик-градоначалникот на Мариупол, додавајќи дека е одлучено да се прекине евакуацијата бидејќи не е безбедно на улиците.
Сергеј Орлов за Би-Би-Си изјави дека има континуирано гранатирање во Мариупол и по договорената рута за евакуација.
„Поради овие удари, не е безбедно да се оди на овој начин“, рече тој.
Украинската влада веќе разговара со руски претставници за прекршување на примирјето, вели тој, и преговорите се во тек.
Двете страни упатија меѓусебни обвинувања за прекин на примирјето. Од друга страна, Русите тврдат дека околу 200 луѓе се затрупани откако украинските националисти од движењето Азов денеска разнеле зграда.
Претходно, жител на Мариупол изјави за Би-Би-Си дека звукот на гранатирањето продолжува – и покрај договорот за прекин на огнот, кој требаше да започне во 9 часот по локално време.
„Моментално сум во Мариупол, на улица сум. Слушам гранатирање на секои три до пет минути. Зелениот коридор е глупост. Гледам автомобили на луѓе кои се обиделе да избегаат како се враќаат назад“, вели Александар, 44-годишен инженер.