Дејвид Бенет (57) влегува во историјата како првиот човек на кој му била пресадена свинско срце, а бил на работ на смртта во времето кога лекарите се решиле на овој чекор. Дејвид не бил кандидат за трансплантација на човечки органи бидејќи, според медиумите, сам себе се „дисквалификувал“.
Бенет бил на апарати со месеци и неговото срце било толку оштетено што мислел дека нема да ја преживее операцијата. Исто така во претходниот период не го послушал лекарскиот совет, не земал терапија и не доаѓал на прегледи.
– Знаев дека ова е мојата последна шанса и сакам да живеам. Шансите се мали, но ова е мојата последна шанса. Или ќе умрам или ќе ме оперираат, рекол Бенет пред да биде ставен под анестезија.
Операцијата е направена во петокот, а Бенет засега се опоравува, се чувствува добро и дише без респиратор.
Операцијата, изведена од тим од Медицинскиот универзитет на Мериленд (САД), имаше за цел да ja покаже изводливоста на трансплантација на свинско срце во човечко тело, овозможена со новите „преуредувања“ на гените. Ако ова вградување се покаже успешно, научниците се надеваат дека органите од свиња успешно ќе го надополнат недостатокот на човечки донори.
– Ова е револуционерна операција која нѐ донесе чекор поблиску до решавање на проблемот околу недостигот на човечки органи. Едноставно нема доволно човечки срца за дарување, за да се пополни долгата листа на можни пациенти на кои тоа им е потребно, рече д-р Бартли Грифит.
Тој ја изврши операцијата на вградувањето на срцето од свиња на човек.
– Засега сме претпазливи, но оптимисти дека оваа прва ваква операција во светот ќе обезбеди важна нова опција за пациентите во иднина!, додаде д-р Грифит.
И други свински органи се тестираат за трансплантација на луѓе, како што се бубрег, црн дроб и бели дробови. Претходните обиди за трансплантација од свињи на луѓе беа неуспешни поради генетски разлики што предизвикаа отфрлање на органите или поради вируси кои претставуваа опасност од инфекција. Научниците го решија овој проблем со отстранување на можно штетните гени.
Околу 110.000 Американци во мигов чекаат за вградување органи, а повеќе од 6.000 пациенти годишно во САД умираат без да го добијат потребниот орган, покажуваат податоците на интернет-страницата „Органдонор“.