Јужна Африка првпат објави официјални податоци за случаи на ковид предизвикани од сојот омикрон кои го потврдуваат мислењето дека оваа варијанта на вирусот предизвикува помалку тешки форми на болеста.
„Нашите податоци убедливо покажуваат дека навистина постои позитивна приказна за намалена сериозност на болеста предизвикана од омикрон сојот на вирусот во споредба со другите варијанти“, рече професорката Шерил Коен од Националниот институт за заразни болести (NICD) на прес-конференција.
Сепак, научниците предупредуваат дека искуството од Јужна Африка не треба да се пренесува во други земји, пред сѐ поради возраста на населението во оваа земја.
Просечната возраст во Јужна Африка е 27,6 години, во споредба со Велика Британија, каде што е 40,5 или Италија каде што е 47,3 години, пишува „Гардијан“.
Во меѓувреме и две студии во Велика Британија покажуваат дека инфекциите со омикрон имаат помала веројатност за хоспитализација отколку со варијантата делта.
Тие прелиминарни студии – едната во Шкотска, другата во Англија – беа поздравени од експерти, кои сепак предупредија дека поголемата зараза на тој сој на крајот може да доведе до потешки случаи. Анализата на лондонскиот „Империјален колеџ“ покажа дека луѓето заразени со варијантата омикрон имаат околу 20 отсто помали шанси да одат во болница од оние заразени со варијантата делта. Оваа анализа ги вклучува сите случаи на ковид потврдени во Англија во првата половина на декември во кои може да се идентификува варијантата: 56 000 случаи на омикрон и 269 000 случаи на делта.
Посебна студија од Шкотска, спроведена од истражувачи од Универзитетот во Единбург и други експерти, заклучи дека ризикот од хоспитализација е за две третини помал кај омикрон отколку во делта. Но, студијата покажа дека скоро 24 000 случаи на омикрон во Шкотска биле главно кај луѓе на возраст од 20 до 39 години. Младите луѓе се многу помалку склони да развијат тешки симптоми.