Една од првите што примија вакцина против рак на јајници во едно клиничко истражување пред 11 години беше Џејми Крејс Мрсер. Со дијагноза на напреднат рак на јајниците кога имала 34 години, Крејс мислела дека ќе умре млада и направила тестамент во кој на најдобрата другарка ѝ го оставила омилениот ѓердан. Сега има 50 години и засега нема знаци дека ракот ѝ се враќа.
Не знае со сигурност дали вакцината ѝ помогнала, но со гордост вели „јас сѐ уште сум тука“.
По неколку децении мал напредок во лекувањето на ракот, научниците велат дека истражувањата достигнале пресвртница, при што многумина предвидуваат дека следниот чекор напред во третманот на ракот ќе биде вакцина во рок од 5 години.
Имено, не станува збор за воспоставени, односно традиционални вакцини што спречуваат болести, туку за вакцини за намалување на туморите и спречување на враќањето на ракот. Целите на овие експериментални третмани вклучуваат рак на дојка и белите дробови, а позитивни резултати се забележани годинава во третманот на смртоносниот рак на кожата меланом и рак на панкреасот.
Вакцините против рак, како и другите имунотерапии, го зајакнуваат имунолошкиот систем за да ги пронајде и убива клетките на ракот. А некои нови користат mRNA, која беше развиена за рак, но за прв пат беше користена за вакцини против COVID-19.
„За да функционира вакцината, треба да ги научи Т-клетките на имунолошкиот систем да го препознаат ракот како опасен“, вели д-р Нора Дисис од Институтот за вакцина против рак при UW Medicine во Сиетл. „Откако ќе се обучат, Т-клетките можат да патуваат насекаде во телото за да забележат опасност“.
Напредокот во третманот со вакцини е предизвик уште од нивното основање. Првиот лек, Provenge, беше одобрен во САД во 2010 година за третман на рак на простата кој се прошири на други органи. Во таква фаза на болеста неопходно е да се обработат сопствените имунолошки клетки на пациентот во лабораторија и потоа да се вратат. Исто така, постојат вакцини за лекување на ран рак на мочниот меур и напреднат меланом.
Некои од првите истражувања за рак престанаа бидејќи ракот како болест го победи имунолошкиот систем на пациентите и не дозволуваше, како таков, било каков вид на лек.
Меѓутоа, истражувањето и работата на вакцините сега се фокусирани на пациентите во раните фази на болеста, бидејќи досега се покажа дека вакцините не можат да делуваат кај пациенти кои се во напредна фаза.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.