Неизвесно е дали земјава ќе остане без гас по одлуката на руски Гаспром да го прекине снабдувањето кон Бугарија, бидејќи Софија одби овој енергенс да го плаќа во руски рубљи. Денеска кон Македонија течеше гас за потребите и на компаниите и на институциите. Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека има други алтернативи за плинот, но не одговори дали тоа државата ќе ја чини повеќе.
Advertisements
„Доколку се раскине договорот меѓу Бугар-транс и Гаспром ние ќе имаме опција да се снабдуваме со природен гас од други извори каде што има интерконектори и коридори за снабдување, но во моментов во континуитет се одвива снабдувањето од преносната мрежа што ја имаме со Бугарија“, рече Бектеши.
Единствената алтернатива за влез на природен гас кон земјава е преку цевководот кој минува низ Бугарија. Од Регулаторна комисија велат дека иако сите обврски нашите компании ги имаат подмирено кон Гаспром, состојбата е комплексна и зависи од одлуките на Русија. Но, од Комисијата апелираат сите кои се зависни од гас во земјава, сепак да си обезбедат алтернативи.
„Сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра-лесно гориво“, наведоа од РКЕ.
Откако Русија им ги затвори вентилите, бугарските власти не гарантираат сигурна испорака на гас кон соседните земји.
„…Бугарија е лојален партнер со сите соседни земји, но Бугарија не е Русија. Кога ќе имаме можност, ќе им помогнеме на сите соседни земји. Според постоечките договори, бидејќи другата страна е повторно Гаспром, сите можни механизми и ризици ќе бидат разгледани“, рече Александар Николов- Министер за енергетика на Бугарија.
Следната недела во Софија е веќе договорен состанок со министрите за економија во регионот за да се презентираат потребите на државите. Просечната потрошувачка на природен гас за една година во земјава се околу 400 милиони метри кубни, што во најголем дел се трошат за парно греење.
Андреа Чобанова