По 67 дена од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) Скопје си заминува предвремено роденото бебе во 29-та гестациска недела во добра општа состојба. Женското бебе се родило на 8 октомври, со само 665 грама и должина од 30 сантиметри, а сега си заминува со тежна од 2.190 грама.
Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период беше подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста и била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката.
Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив, велат од ГАК.
Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имало комплексен третман, а поради проблеми со дишењето беше и на механичка вентилација.
Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и за цело време имаше добар одговор на комплексните третмани кои му се даваа на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот.
За среќа, во рамки на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално, додаваат од ГАК.
Медицинскиот персонал заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче кој денеска го посети бебето Бехра, го испратија доенчето дома кај нејзините родители со желби за здраво и среќно детство.
Од ГАК додаават дека изминатите четири години години се постигнати значајни резултати и се бележи значајно намалување во вкупната смртноста на родените бебиња.
Процентот на преживување на предвремени бебиња значајно се зголеми, односно смртноста од 2016 година кога беше 25% сега е 8,9%. Сето ова е како резултат на севкупното внимание, инвестиција што ги правиме со што го подобруваме третман на родилките и бебињата, како на оние коишто се раѓаат во термин така и на предвреме родените, велат од ГАК.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.