Претседателот на Сенатот на Казахстан, Маулен Ашимбаев, денеска изјави дека ниедна земја чии граѓани загинале во авионската несреќа над казахстанскиот град Актау нема намера да ги скрие информациите.
„Ниедна од овие земји, ниту Азербејџан, ниту Русија, ниту Казахстан, не се заинтересирани да скријат информации. Сите информации ќе бидат достапни на јавноста“, рече Ашимбаев.
Тој истакна дека причината за падот на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ сè уште не е позната, пренесува „Ројтерс“.
Азербејџанскиот авион, кој летал од Баку за Грозни, се урна во средата наутро во близина на градот Актау во западен Казахстан, при што во несреќата загинале 38 лица.
Според првичните информации, меѓу жртвите се и двајцата пилоти на авионот.
Во авионот имало вкупно пет члена на екипажот и 62 патници, меѓу кои 16 Руси, 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан и тројца од Киргистан.
Прес-службата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев соопшти дека авионот го променил курсот поради лошите временски услови, а до несреќата дошло при слетување во Актау.
Алиев нагласи дека постојат разни верзии за она што се случило и повика да се чека да се заврши истрагата, а меѓу другото, има информации дека авионот удрил во птици.
По објавената снимка од соборениот авион, на која се гледаат дупки од шрапнели, се појавија шпекулации дека авионот можеби бил погоден од противвоздушен оган.
Текстот По шпекулациите за авионската несреќа, се огласи Казахстан: „Ниедна земја нема намера да крие информации“ е превземен од МАКФАКС.