Откако ја прекина испораката на струја во Финска, во сабота наутро Русија ќе ја прекине и испораката на гас во земјата, соопшти денеска финскиот државен гасен гигант „Гасум“, откако земјата одби да му плати на рускиот снабдувач „Газпром“ во рубљи.
„Попладнето во петокот, 20 мај, ‘Газпром експорт’ го извести ‘Гасум’ дека снабдувањето со природен гас за Финска според договорот за снабдување со ‘Гасум’ ќе биде прекинато в сабота, 21 мај, во четири часот наутро“, се вели во соопштението од финската компанија.
Оттаму соопштија оти компанијата и натаму ќе продолжи да ги снабдува со гас своите клиенти од Финска, но од други извори преку балтичкиот конектор на гасоводот.
Според „Гардијан“, извршниот директор на „Гасум“, Мика Вилјанен, се обидел да ги убеди клиентите дека ќе има доволно гас во наредните месеци.