Во Генералното Собрание на Обединетите нации започнува расправата за Резолуцијата против геноцидот во Сребреница. Со неа се предлага 11-ти јули да биде Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот од 1995-тата година, кога беа убиени осум илјади босански муслимани.

„Без резерва се осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан и се повикуваат земјите-членки да ги почитуваат утврдените факти“, стои во предлог резолуцијата.

Пред почетокот на расправата, претседателот на Република Српска, Милорад Додик на социјалните мрежи повтори дека евентуалното усвојување на Резолуцијата ќе предизвика, како што вели, непоправливи штети за Босна и Херцеговина.

„Со одлуката за резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН, потпишан е крајот на Босна и Херцеговина и на седницата на Владата на Српска во Сребреница ќе и биде предложено на Федерацијата мирно раздвојување“, рече Додик.

Иако во текстот никаде не се посочува дека директен виновник за геноцидот е Србија, која го дефинира настанот како „страшно злосторство“, утринава Белград осамна со плакати „ние не сме геноциден народ“. Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ во телевизиско гостување, кажа дека резолуцијата е фарса.

„Никогаш не сум била толку загрижена за мирот на Балканот. Ги прашувам сите од ЕУ, како ќе изгледа БиХ вечерва, по гласањето на резолуцијата. Дали ќе биде земја која е помирна и постабилна, каде што има поголемо разбирање или ќе биде понестабилна земја на која и треба еден инцидент за да запали сѐ“, рече Брнабиќ.

Србија лобираше Резолуцијата да не биде изгласана и очекува поддршка во намерата од Русија и Кина. Официјален предлагач на текстот е Германија, а ко-спонзори се и многу земји од Западот и речиси сите земји на Балканот, меѓу кои и Македонија. Откако земјава соопшти дека го ко-спонзорира текстот на Резолуцијата против геноцидот, високи политички функционери од Србија обвинија дека потегот на Македонија е дрзок и циничен.

Лука Андреев