Стипе Р., сопственик на пицерија во стариот дел на Дизелдорф беше уапсен минатата година поради трговија со дрога. Неговиот специјалитет, пица број 40, стана синоним за нелегални активности, бидејќи клиентите кои ја нарачале всушност добивале пакетчиња кокаин.
Стипе Р. се соочува со тешки обвиненија, а судењето почна денес. Се очекува да трае до 12 февруари кога треба да се донесе пресуда. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие неколкугодишна затворска казна.
Овој случај привлече големо внимание во Германија, а истрагата откри и мрежа за шверц на дрога во која учествуваа повеќе лица.
За време на неговите години во бизнисот, Стипе Р. стана познат по својата уникатна понуда – пица број 40. Сепак, она што изгледаше како обична пица, всушност беше покритие за шверцот на кокаин. Секоја нарачка од оваа пица вклучувала дрога од 40 евра, а државното обвинителство тврди дека оваа дејност со години ја водел Стипе Р.
Се посомневале дека работи на црно
Истрагата започна кога властите ја прегледаа неговата пицерија во март минатата година поради сомневање за незаконско работење. При увидот, инспекторите забележале пица со сомнителни состојки, по што дошло до интервенција на полицијата. Набргу потоа на вратата на Стипе Р тропнала полицијата, кој во паника од балконот фрлил кеса во која имало речиси 264.000 евра, повеќе од 200 грама канабис и околу 1,6 килограми кокаин. Чантата паднала директно во рацете на полицајците кои биле надвор од зградата, по што започнала сериозна истрага.
Трговија со дрога и обид за бегство
По првото апсење, Стипе Р. бил ослободен, но тој не се откажал од своите незаконски активности. Тој продолжил да ја продава „пицата број 40“ и повторно бил уапсен во август 2023 година, овој пат поради обид за бегство во Хрватска. Тој планирал да ја продаде својата продавница и да побегне од Германија, но инспекторите му влегле во трага и го уапсиле поради обид илегално да ја напушти земјата.
Истрагата не запре со Стипе Р. Во октомври 2023 година, врз основа на информации добиени од надзорот на неговата пицерија, полицијата уапси неколку лица поврзани со дрога. Меѓу уапсените е и 22-годишниот водач на банда, како и лица од други градови, вклучувајќи ги Келн и Хан. Во рациите низ Германија, беше разбиена криминална мрежа за шверц на дрога и беа пронајдени две плантажи со канабис. Запленети се и нелегални предмети, меѓу кои и оружје, скапи часовници и готовина.
Текстот Почна судењето во Германија кое се очекува да ги разоткрие сите тајни на пицата број 40 е превземен од МАКФАКС.