Почна меѓународната мировна конференција за мир за Украина во Бургенсток, планински гребен на езерото Луцерн, Швајцарија, каде што учество најавија национални лидери и други високи претставници од 92 земји, објави германската агенција ДПА. Русија не беше поканета. Државниците од сите делови на светот ќе разговараат за голем број прашања, почнувајќи од извозот на жито од Украина, безбедноста на нуклеарната централа Запорижжија окупирана од Русија до хуманитарни прашања, вклучително и размена на затвореници.
САД, најважниот сојузник на Кијив, ќе ги претставува потпретседателката Камала Харис. Таа, по пристигнувањето во Швајцарија, објави дека САД даваат повеќе од 1,5 милијарди долари нова помош за Украина, голем дел од неа за енергетскиот сектор и хуманитарната помош.
Учествуваат и голем број лидери од Европа, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Германскиот канцелар во интервју за телевизијата ZDF во саботата наутро изјави дека се надева конференцијата да ги „постави темелите“ за понатамошни преговори на кои ќе учествува и Русија.
Самитот за мир се одржува на иницијатива на Украина, а присуствува и претседателот Володимир Зеленски. Тој пристигнува, како и неколку лидери, директно од состанокот на Групата седум (Г7) во јужна Италија, кој главно беше фокусиран на руската агресија против неговата земја.
Русија моментално окупира околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим, кој незаконски го анектира во 2014 година.
Путин во петокот излезе во јавноста со барања Украина целосно да се повлече од териториите под руска окупација, Донецк, Луганск, Херсон, Запорижжија и црноморскиот полуостров Крим како услов за прекин на борбите. Тој упати барање и од меѓународната заедница да ги симне сите санкции против Русија. Кијив ја отфрли идејата како апсурдна.
Швајцарската конференција во сабота и недела првенствено има за цел да мобилизира меѓународна поддршка за Украина – вклучително и од земјите кои се пријателски настроени кон Русија.
Но, Кина, која е најважниот сојузник на Путин, не учествува. Други влијателни пријатели на Русија, како што се Индија и Јужна Африка, ќе бидат таму, но не се претставени на министерско ниво. Бразил учествува само како „набљудувач“.
Зеленски минатата недела отпатува за Саудиска Арабија, што предизвика шпекулации дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој има добри односи со Путин, може да дојде, според германската агенција ДПА. Сепак, на списокот на гости што го објавија швајцарските домаќини во петокот навечер е само министерот за надворешни работи Фајсал бин Фархан Ал Сауд.
Основни информации
По барање од Украина, Швајцарија покани над 160 делегации од целиот свет да се приклучат на првиот Самит за мир во Украина на 15-16 јуни 2024 година во одморалиштето Бургеншток.
Самитот ќе се надоврзе на дискусиите што се одржаа во последните месеци, особено на украинската Формула за мир и други мировни предлози засновани на Повелбата на ОН и клучните принципи на меѓународното право. Главната цел на самитот е да инспирира иден мировен процес. За да се постигне ова, самитот има намера да:
- Обезбеди платформа за дијалог за начините на кои ќе се дојде до сеопфатен, праведен и траен мир за Украина заснован на меѓународното право и Повелбата на ОН;
- Промовира заедничко разбирање за можната рамка за постигнување на оваа цел;
- Да дефинира заеднички патоказ за тоа како да се вклучат двете страни во идниот мировен процес.
Учеството на широк опсег на држави и нивниот придонес во дискусијата ќе биде од клучно значење за постигнување на овие цели. Швајцарија има долга традиција на промовирање дијалог. Така, таа смета дека размената на различни ставови за патот кон мирот во Украина е од витално значење.
ЦМ деск