На 84 годишна возраст почина Медлин Олбрајт, првата жена државен секретар на САД, соопшти денеска нејзиното семејство.
Семејството соопшти дека таа починала од рак, „опкружена со семејството и пријателите“.
Олбрајт беше родена во Чехословачка, во близина на Прага во 1937 година како Марија Јана Корбелова. Таа била ќерка на чехословачки дипломат, кој бил присилен на прогонство по окупацијата на земјата од нацистичка Германија во 1939 година.
Олбрајт во САД се преселила во 1948 година, каде нејзиното семејство побарало политички азил. Американско државјанство добила во 1957 година.
Во 1996 беше назначена за државен секретар на САД од страна на тогашниот претседател Би Клинтон, од редовите на демократите и на таа функција остана до 2000 година.
Претходно Олбрајт беше амбасадор на САД во Обединетите нации во 1993 година, каде што изврши притисок за построг меѓународен став против Србите во Босна и Херцеговина. Тогаш САД во соработка со НАТО бомбардираа српски цели за да ги принудат да се стави крај на тригодишната војна.
По завршетокот на функциите Олбрајт беше политички коментатор од висок профил.